Преглед на вестите од светот
Втор ден преговори за де-ескалација на трговската војна меѓу Соединетите Американски Држави и Кина. Претставниците на двете најмоќни економии во светот во Малезија разговараат за продлабочување на трговската соработка меѓу двете држави во пресрет на средбата која треба да ја одржат лидерите на двете држави, Доналд Трамп и Кси Џинпинг.
Кинеските претставници брифираат дека разговараат на голем број на теми, како контрола на извозот, суспензија на реципрочни тарифи, тарифи поврзани со фентанил – кое е клучно прашање за американскиот нарко-пазар, но и проширување на трговијата меѓу двете држави. Ли Ченггенг, претставник на Пекинг вели, САД цврсто го изрази својот став, а кинеската страна решително ги заштитува сопствените интереси.
- По повеќе од еден ден интензивни дискусии, двете страни постигнаа основни консензуси за аранжманите за решавање на соодветните трговски проблеми. Преку разговорите во Куала Лумпур, двете страни дополнително потврдија дека стабилниот развој на трговските односи меѓу Кина и САД им служи на заедничките интереси на двете земји и народи, како и на целиот свет. Во иднина, Кина и Соединетите Американски Држави ќе ја зајакнат комуникацијата и размената за активно да придонесат за постабилен и поздрав развој на нивните економски и трговски односи, вели претставникот на Пекинг, Ли Ченггенг.
Во Малезија, кадешто веќе е Трамп, пристигна кинескиот премиер, а во очекување е да пристигна и претседателот на Кина. Додека Трамп ја чека средбата со Кси, ги седна на маса лидерите на Тајланд и Камбоџа кои потпишаа прекин на огнот. Интервенцијата на Трамп во овој конфликт му помогна да добие номинација на Нобеловата награда за мир.
На државите од југоисточна Азија им порача дека имаат целосна поддршка од САД.
- Мојата порака до народите од Југоисточна Азија е дека Соединетите Американски Држави се со вас 100% и имаме намера да бидеме силен партнер и пријател за многу генерации што доаѓаат. Пред една година бевме во поинаква позиција, но сега сме во најдобрата позиција што некогаш сме биле, навистина велам, велам дека ова е златно доба на Америка, ова е златно доба на Соединетите Американски Држави и заедно ќе создадеме неверојатен просперитет за народите од двете страни на Тихиот Океан и ќе ги искористиме новите можности за сите наши луѓе, рече Трамп.
Трамп е во петдневна турнеја низ крајниот исток. Освен во Малезија, на неговата рута се и Јапонија и Јужна Кореја. Вчера рече дека е подготвен да се сретне дури и со лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун.
Двајца приведени за кражбата на деценијата во Лувр. Како што соопшти француското обвинителство, двајцата осомничени биле приведени на аеродромот Шарл де Гол додека чекале да полетаат, едниот за Алжир, а другиот за Мали.
Француските медиуми пишуваат дека станува збор за двајца мажи на околу 30-годишна возраст од преградие на Париз. Им биле познати на француската полиција.
Додека Македонија избираше градоначалници и совети во општините минатата недела, неколку лица за помалку од 7 минути успеаја да влезат во музејот Лувр, да украдат наќит чија вредност се проценува на околу 88 милиони евра и да избегаат пред париската полицијата да може воопшто да интервенира. Употребија кран со кој се качија на тераса во најпосетуваниот музеј во светот, и преку прозорци успеаја да влезат внатре.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
