Loading Video...
Свет
2. July 2025 - 12:22

Преглед на вестите од светот

Францускиот претседател Емануел Макрон го повика рускиот претседател Владимир Путин на „итен“ прекин на огнот во Украина за време на нивниот прв телефонски разговор од септември 2022 година, соопшти Елисејската палата.

За време на двочасовниот разговор, Макрон инсистирал на започнување суштински преговори за ставање крај на конфликтот. Кремљ соопшти дека Путин пред Макрон ја истакнал потребата секое мировно решение за Украина да биде „сеопфатно и долгорочно, да ги елиминира причините за украинската криза и да се заснова на новите територијални реалности“. Но, додал дека конфликтот е „директна последица од политиката на западните земји“.

Што се однесува на Блискиот исток, Макрон нагласил дека Иран треба да ги исполни обврските од Договорот за неширење на нуклеарно оружје на ОН и целосно да соработува со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Од Кремљ, е пораката дека Иран има „право“ да развива нуклеарна програма. Според Елисејската палата, двајцата лидери се договориле да ги координираат своите активности и наскоро повторно да разговараат.

Францускиот премиер Франсоа Бајру „преживеа“ уште една иницијатива за изгласување недоверба на неговата влада, откако предлогот поднесен од левицата не доби доволна поддршка во Националното собрание. Предлогот беше инициран поради неуспехот на преговорите околу реформата на пензискиот систем, но доби поддршка од само 189 пратеници – далеку под потребниот праг од 289 гласа за уривање на владата.

Опстанокот на Владата на 74-годишниот центрист Бајру беше возможен благодарение на воздржаноста при гласањето од страна на пратениците на крајнодесниот Национален собир.  

Топлотниот бран низ Велика Британија ги испразни резервоарите со вода и ги наполни местата за капење со луѓе низ целата земја. Температурата е над 30 степени, а снимките од дрон покажаа исушен резервоар Бејтингс со луѓе кои преминуваат мост кој обично е целосно потопен во вода.

Научниците велат дека главната причина за климатските промени се емисиите на стакленички гасови од согорувањето на фосилни горива. Минатата година беше најжешката на планетата досега.

Жителите на северниот француски град Лил во вторник се обидоа да избегаат од жешкото сонце престојувајќи во сенките на дрвјата и разладувајќи се во водите, бидејќи топлотниот бран на национално ниво ги крена температурите до повисоки 30-ти степен. Очекуваните 37 степени во Лил беа надминати со 40-41 степен во некои области.

Околу 1.350 училишта беа целосно или делумно затворени, во споредба со околу 200 во понеделник соопшти Министерството за образование. Горниот дел на Ајфеловата кула во Париз, исто така, ќе биде затворен и денеска, а на посетителите им се советува да пијат многу вода особено што беа измерени и 42 степена, па така беше издаден црвен аларм за регионот на главниот град и поголемиот дел од централна Франција.

Сепак тоа не е пречка туристите да уживаат во убавините на градот на реката Сена.

Некои пак уживаат на температури со пријатни 8 степени, на надморска височина 2962 метри на највисоката планина во Германија, која сега ги привлекува посетителите не само со своите погледи и панорами, туку и поради топлотниот бран и за одмор од високите температури со санкање.

Сепак, поради климатските промени, вечниот мраз на врвот на Цугшпице е загрозен, при што глечерот Јужен Шнефернер го изгуби својот статус на глечер во 2022 година, а глечерот Северен Шнефернер веројатно ќе го следи во следните неколку години.