Loading Video...
Свет
12. May 2025 - 12:22

Преглед на вестите од светот

Излезните анкети од парламентарни избори во Албанија говорат за изборен триумф на актуелниот премиер и лидер на Социјалистичката партија, Еди Рама.

-Социјалистите  освоија 51,8 проценти од гласовите на изборите покажуваат податоците од излезните анкети објавени од „Албениан пост“, објави Топ чанел. Ова ѝ обезбедува на партијата 79 мандати во парламентот со 140 пратеници. Според новата изборна формула, секоја партија учествува на изборите со 186 кандидати за пратеници, поделени на затворени листи (подредени од партијата) со по 46 кандидати и отворени листи (каде се гласа со преференции) со по 140 кандидати. Инаку излезноста на изборите е нешто над 41 отсто.

Претседателот на ЦИК Илирјан Целибаши на прес конференција изјави дека Изборниот  процес минал во согласност со сите регулативи. Тој додаде дека првичните  резултатите од неколкуте општини каде имаше електронско гласање ќе бидат објавени во текот наденешниот ден. Вкупните првични, неофицијални, резултати, додаде, ќе бидат објавени според законските одредби.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Турција в четврток за директни преговори за ставање крај на војната на Русија против Украина.

Неговата објава доаѓа откако Путин изјави дека е отворен за преговори во Истанбул уште во четврток за крај на војната во Украина, која трае повеќе од три години.

Претходно турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека неговата земја е идеална локација за преговори. Кремљ ја потврди телефонската комуникација меѓу Путин и Ердоган. Но, борбите на фронтот се активни во нешто помал обем, а граѓаните на Украина не веруваат дека ќе дојде до директни преговори.

Американскиот специјален претставник за трговија Џејмисон Грир изјави дека САД и Кина постигнале „договор“ за време на трговските преговори во Швајцарија. Од друга страна, кинескиот вицепремиер Хе Лифен изјави дека преговорите во Женева биле отворени, длабински и конструктивни.

Грир потсети дека минатиот месец американскиот претседател Доналд Трамп прогласи „национална вонредна состојба“ поради огромниот трговски дефицит со Кина, кој изнесува 1,2 трилиони долари. Претходно, американскиот министер за финансии Скот Бесент, кој исто така беше во Женева, изјави дека е постигнат „значителен напредок“.