Предлогот за разрешување на Коцевски пристигна во Собранието
Собранието го доби владиниот предлог за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Кога предлогот ќе се најде пред пратениците, од законодавниот дом, велат дека дополнително ќе ја информирале јавноста.
Според документот, разрешувањето на државниот обвинител се бара, бидејќи како што наведува владата, Коцевски сторил крупни професионални грешки и неовластено изнесувал информации за судски предмети, со што била нарушена функционалноста на Јавното обвинителство.
Со предлогот, до Собранието е испратено уште и мислењето од Советот на јавни обвинители. Телото, даде негативно мислење за разрешување на Коцевски. Според документот објавен на интернет страницата на Советот, тој ги отфрла сите наводи со кои владата бара разрешување на државниот обвинител. Наведуваат дека тие биле општи и нејасно формулирани.
Како што пишуваат во документот кој е испратен до владата „мнозинството членови на советот сметале дека нема докази дека Јавниот обвинител изнесувал информации и податоци за судски предмети, дека не е сторена крупна професионална грешка и не се содржани сите законски елементи за сторена тешка дисциплинска повреда со која се нарушува угледот на Јавното обвинителство“.
„Мнозинството членови на Советот сметаа дека законската можност да се бара разрешување на Јавниот обвинител, сама по себе не е доволна, туку разрешувањето на Јавниот обвинител во смисла на одредбите на Законот за јавното обвинителство, треба да биде засновано на јасни и објективни критериуми, да ги земе предвид сериозноста на причините и да биде реализирано во законита постапка“, се наведува во мислењето на Советот.
Законски пак, негативното мислење не е пречка владата да ја продолжи постапката за разрешување почната на почеток од годинава, а стопирана заради кочанската трагедија и локалните избори. Сега, конечниот збор ќе го имаат пратениците.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
