Македонија
29. May 2025 - 16:52

Повредените пациенти стравуваат дека ќе останат без д-р Кате, надлежните со итна реакција

Под знак прашалник доведено понатамошното лекување на повредените во пожарот во „Пулс“. Со писмен допис се обратија до јавноста поради кадровските промени во кочанската болница. Од понеделник, 10-ви јуни, докторката Катерина Паниќ, попозната како докторка Кате, која беше главен лекар за повредените и поддршка во периодот на опоравување заминува во друга болница, но никој не ќе можа да ја замени, а се уште немаат ниту инфомации кој ќе дојде на нејзиното место, како и, каков ќе биде понатамошниоот пристап кон нивното лекување.

Повредените посочуваат дека имаат страв од неизвесноста и се чувствуваат напуштени од државата по однос на нивната здравствена нега.

-Не е исто кога некој само ја пополнува смената, и кога некој навистина се грижи. Ние тоа го чувствуваме секој ден, на секој преглед, во секој здив од болка. Докторката Кате не беше само лекар, таа беше наша надеж, сила и стабилност. Начинот на кој ни пристапуваше со човечност, посветеност и разбирање не може да се замени. Во неа стекнавме длабока доверба – доверба што не доаѓа лесно кога се поминува низ период на траума и неизвесност“, стои во писменото обраќање.

Од кочанската болница информираат дека уште на почеткот од годината, пред трагичниот настан во дискотеката, докторката поднела лично барање за прекин на работниот однос, поради ангажман во градската болница „8-ми септември“.

Одлуката ја потпишал претходниот министер за здравство Арбен Таравари, меѓутоа неговиот заменик Јовица Андовски ја запрел важноста и докторка Паниќ останува во болницата во Кочани, се додека повредените пациенти имаат потреба од нејзината нега.