Loading Video...
Свет
2. January 2025 - 16:35

Порасна бројот на загинати и повредени во терористичкиот напад во Њу Орлеанс

Билансот на загинати во нападот што се случи вчера во американскиот град Њу Орлеанс и кој се води како терористички акт се искачи на најмалку 15 лица, а повеќе од 30 луѓе се повредени и хоспитализирани, соопштија властите во САД.

Нападот се случи на новогодишниот ден, во раните утрински часови, откако возило на кое имало знаме на Исламска држава влета во толпа луѓе на улицата „Бурбон“ во туристичкиот кварт во Њу Орлеанс, во амерканската сојузна држава Лујзијана. 

Напаѓачот е идентификуван како Шамсуд-дин Џабар, 42-годишен државјанин на САД, со живеалиште во сојузната држава Тексас.  

Тој, според информациите, со пикап возило влетал во толпата луѓе кои ја прославувале Новата година, а потоа излегол од возилото и почнал да пука кон полициските службеници кои биле на местото, ранувајќи двајца од нив. 

Полицијата, во одговор на нападот, го застрелала и усмртила напаѓачот на самото место.  

Како што соопшти ФБИ, возилото со кое Џабар го извршил нападот било изнајмено, а во него прокрај знамето на Исламска држава во задниот дел, агентите пронашле оружје и „потенцијална“ импровизирана експлозивна направа.

Дополнително, според информациите од високи извори инволвирани во истрагата, во близина на местото имало најмалку две импровизирани експлозивни направи, но за среќа не се активирале.

Американскиот претседател, Џо Бајден во кратко обраќање вчера вечер, соопшти дека ФБИ открило дека само неколку часа пред нападот осомничениот објавил видеа на социјалните мрежи што укажуваат дека тој бил инспириран од Исламска држава, изразувајќи желба да убие.  

- До сите семејства на оние кои беа убиени, до сите оние кои се повредени. Зашто сите луѓе на Њу Орлеанс тагуваа денес. Сакам да знаете дека тагувам со вас. Нашата нација тагува со вас. Ќе стојам со вас додека тагувате и додека се лекувате во неделите што доаѓаат.

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп по смртоносниот напад во Њу Орлеанс ги критикуваше американските власти и агенции за спроведување на законот, велејќи дека се неефикасни и лошо раководени.  

 „САД се распаѓаат – ширум нашата нација се случува насилна ерозија на безбедноста, националната безбедност и демократијата. Само силата и моќното лидерство ќе го спречат тоа. Се гледаме на 20 јануари. Направете ја Америка повторно голема!“, напиша тој на социјалната платформа Х.

Полицијата соопшти дека истражува поврзаност меѓу овој и нападот со сајбертрекот со кој беше извршен напад пред меѓународниот хотел Трамп во Лас Вегас. Возилото експлодираше при што возачот загина а седум лица беа повредени.