Македонија
13. October 2025 - 12:14

Пчеларите бараат повисоки субвенции и поголема промоција на пчелните производи

Пчеларите бараат зголемување на субвенциите кои сега се само 600 денари по пчелно семејство. Велат дека оваа цена е уште откако се воспоставени субвециите за нив, а се друго е поскапено. Токму поради малата помош од држвата, раселувањето на населението и елементарните непогоди бројот на пчелари во прилепско е преполовен за разлика од минатото. Пчеларите велат без субвенциите нема ниту да опстанат.

„Се помал е интересот кај младите, нас целта на Здружението ни е токму тоа, да се зголеми бројот на помлади пчелари. Причината е тоа што за да се почни со пчеларство почетокот е малку тежок, како и со секоја друга работа, а младите очекуваат веднаш првите 2-3 години да имаат приходи. Но не е секогаш така, за да се дојди до добри приходи треба да поминат 4-5 години“, рече Дејан Бошкоски, претседател на плеларското здружение „Братство’“ од Прилеп.

Проблем била и нелојалната конкуренција која во маркетите се претставува како мед. Тој производ се познавал и по цената која била 400 денари, а само производствената цена за една тегла вистински мед била 400 денари.

„Тоа е гликоза увезена којзнае од каде, од Молдавија, од Аргентина, со вештачки добиена храна од пченка, кои се генетски модифицирани и кај нас неконтролирано влегуваат во маркетите“, додаде Бошкоски

Но сепак доколку се посветиш пчеларството може да биде и профиталбилна професија, и да се живее само од него.

„Живеам од пчеларство, не работам никаде, семејството го гледам од одгледување на пчели, немам работено никаде. Моментално чувам околу 240 пчелни семејства, а произведувам производи од восок, мед, полен, прополис, матичен млеч и ги пласирам претежно на нашиот пазар, македонскиот пазар“, изјави Тони Јовески, пчелар.

„Им препорачуваме кој сака да проба, да започне ние сме тука, средната генерација и постарите, Здружението е тука, значи баш тоа е и целта на здружението да се промовира пчеларството“, вели Љупчо Ѓорѓиоски, пчелар.

Инаку во Прилеп по 16-ти пат се одржа Саемот на медот чија цел е да го доближи медот и пчелните производи до граѓаните и промена на нивните навики повеќе да конзумираат од овие здрави производи.