Македонија
10. November 2015 - 14:39

Орав: Извештајот содржи многу јасни насоки за земјата

Новата, овој пат условена препорака за Република Македонија значи дека ЕК повторно ќе се наврати на отворањето прегори со земјата по изборите во април идната година, изјави денеска на прес-конференција евроамбасадорот Аиво Орав по повод презентацијата на прогрес - извештаите во Брисел.  

- Обично работиме на препорака еднаш годишно, но оваа година ЕК ќе се наврати на ова прашање и уште еднаш ќе објави дали ќе има препорака или нешто друго ќе следи, појасни евроамбасадодорот Орав на новинарско прашање по следењето на ТВ-презентацијата на извештаите за напредок од страна на еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан во Брисел. 

Тој нагласи дека во годинашниот извештај за секоја од земјите се содржани многу јасни насоки за перспективите за нивната евроинтеграција. ЕК се фокусираше на неколку главни прашања и тоа владеење на правото, слобода на изразување, економија и реформите во јавната администрација. Орав при тоа нагласи дека земјите годинава се оценувани според фазата на подготвеност, како и според испорачаните резултати во изминатите 12 месеци и тоа на скала од пет нивоа. 

- Има пет нивоа кои се употребени. Првото е назадување, второтот е ако земјата не направила никаков прогрес, третото ако земјата има направено некаков прогрес, четвртото е добар прогрес и како петто ниво е ако земјата има направено многу добар прогрес, рече Орав.

Тој нагласи дека во извештајот за Македонија во делот на политичките критериуми е нагласено дека оваа година била преполна со сериозни предизвици.

- Ова беше најсериозната политичката криза со која се соочуваше земјата од 2001 година. Самите откритија на прислушуваните разговори кои вклучуваат владини претставници кои покажуваат прекршување на фундаменталните човекови права, исто така вмешување во независноста на правосудството, слободата на медиумите и изборите, а тука е и прашањето за корупцијата. Видовме и сериозни проблеми во политичкиот дијалог во самата земја. Ние како ЕУ имаме посочено за овие прашања во претходните извештаи за вашата земја. Сега е крајно време целосно да се имплементира политичкиот договор, како и итните реформски приоритети, рече Орав.

Тој, меѓу другото, се осврна и на областите каде има направен одреден напредок, но и на области каде има ниво на подготовка, но не и прогрес. Клучни прашања за земјата се целосна имплементација на политичкиот договор и итните реформски приоритети, борбата против корупција, деполитизација на судскиот систем, справување со уназадувањето на полето на слобода на изразување и да се заврши ревизијата на Рамковниот договор.

- ЕК препорача и годинава оваа земја да започне со преговорите. Оваа година разговорите беа многу тешки во ЕК. Комисијата препорача да започнат преговорите со вас, но тоа е условено од натамошната имплементација на Договорот од јуни и јули и значителен напредок во спроведувањето на итните реформски приоритети. Таа ќе се наврати на ова прашање по изборите во април, рече Орав.

Тој со забелешка и дека пролонгирањето на објавувањето на годинашниот Извештај и одеше во полза на Македонија за да се финализираат преговорите меѓу политичките партии.

Евроамбасадорот Орав извештајот за напредок попладнево ќе им го врачи на одделни средби на шефот на државата Ѓорге Иванов, на претседателот на Собранието на РМ Трајко Вељаноски и на премиерот Никола Груевски.