Македонија
5. September 2025 - 16:33

Онкологот Мери Пешевска призна вина во случајот „Онкологија“, Васев не се чувствува виновен

Онкологот Мери Пешевска денеска во судот призна вина за несовесното лекување пациенти што и го става на товар Обвинителството. Таа во своето излагање пред судот изјави дека ја прифаќа одговорноста за своите постапки, посочувајќи дека во намера да помогне во побрзо спроведување на терапијата, дозволила други лица да користат нејзини лични податоци за системски пристап. 

„Сакам да се извинам ако сум постапила небрежно или невнимателно. Ако навистина за овие седум пациенти сум го продолжила третманот, иако не сум сигурна дали јас сум го направила тоа, бидејќи мојот печат и факсимил беа оставени на шалтер. Го прифаќам обвинението затоа што сум дозволила користење на моето корисничко име и лозинка за пристап до терапевтскиот систем“, рече Пешевска пред судот.

Од друга страна, поранешниот директор на Онкологија, д-р Нино Васев, не ја призна вината и се изјасни дека не се чувствува виновен за кривичните дела кои му се ставаат на товар. Тој накратко истакна дека е свесен за обвинението, но не ја прифаќа правната квалификација на делата за кои се товари.

„Ја разбирам содржината на обвинението, но не се чувствувам виновен за делата кои ми се ставаат на товар“, изјави Васев пред судот.

Адвокатот на Васев, оцени дека досегашниот тек на истрагата и постапката е проследен со сериозни недостатоци и дека Обвинителството пристапило со емотивен и селективен пристап кон неговиот клиент.

Во судница присутни се и останатите двајца обвинети Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, сите вработени на Клиниката за онкологија, кои кажаа дека не се чувствуваат виновни за делата кои се обвинети. 

„Очекувано не можам да преземам вина затоа што е комплетна невистина односно сигурна сум дека јас лично и мојот адвокат дека ќе ги побиеме сите овие невистини кои се изнесени против мене како доктор кој што и не знае друго освен да лечи други... “ рече обвинетата Симонида Црвенкова.

Обвинителката најави докази кои ќе докажат дека обвинетите во својство на онколошки во критичниот период сториле кривично дело, несовесно лекување на болни.

„Со постапување спротивно на стручно утврдени постапки, без соодветно конзилијарно мислење, давале неподобни терапии често со несоодветна доза, кои биле не само неефектовни туку и штетни. Ќе докажеме дека не се изолирани грешки, туку образец на несоодветно постапување што резултирало со штета по животот на пациентите. Ќе покажеме дека не го почитувале професионалните обврски, туку делувале со очигледна несвесност и неодговорност. Ваквите нивни дејствија не биле само пропуст, туку со криминални последици. Ќе бараме правдата да биде задоволна во име на законите, пациентите и хуманоста“, порача обвинителката.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.