Македонија
30. January 2017 - 12:33

Одложено судењето за „Еразмус“

Судското рочиште за предметот „Еразмус”, во кој шест лица вработени на Економскиот факултет во Скопје се товарат за примање поткуп и злоупотребување на службената положба, денеска е одложено по барање на адвокатот Јован Јоанидис за изземање на Судечкиот совет.

Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение за примање „поткуп“ во октомври минатата година. Во случајот „Еразмус“ се обвинети шест лица, професори и демонстратори од Економскиот факултет во Скопје и еден вработен во бифето. 

Во барањето за изземање е наведено дека токму судиите Љубинка Башеска и Ивица Стефановски, како членови на Кривичен совет, веќе еднаш решавале по жалба на второобвинетиот Драге Јанев и притоа донеле решение со кое ја потврдиле одлуката на судија на претходна постапка. Башеска и Стефановски еднаш веќе носеле решенија, а сега се јавуваат како Судечки судии во истиот предмет.

Според адвокатот Јоанидис, постои сомнение дека овие судии не можат непристрасно да одлучуваат бидејќи веќе еднаш одбиле жалба на одбраната.

Судењето е одложено се додека в.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1 Скопје, Татјана Михајлова, не одлучи по барањето за изземање.