ОЈО - Штип со детали за тешката сообраќајна несреќа со кобни последици
По извршениот увид на местото на сообраќајната несреќа, во која животот го загубија тројца, а две лица беа повредени, откако со комбе излетале од експресниот пат Штип-Радовиш и паднале од мостот во сувото корито на Балталиска река, во близина на село Лакавица, ОЈО-Штип информира дека со комбето се превезувале работници ангажирани од струмичка фирма.
- Во несреќата животот го загубија тројца работници кои според првичните сознанија се од Непал, додека едно лице е тешко повредено. Возачот се здобил со лесни повреди. ОЈО Штип презема дејствија за испитување на причините за несреќата. Се врши разговор со очевидци, а телата на починатите се дадени на обдукција. По наредба на јавен обвинител ќе биде извршено и сообраќајно вештачење, стои во соопштението на ОЈО-Штип.
Двајцата повредени се пренесени и хоспитализирани во штипска клиничка. Во моментот се во стабилна општа состојба и вон животна опасност.
- Во Клиничка болница Штип, утрото се донесени со брза помош двајца пациенти повредени во сообракајна незгода. Едниот е патник, странски државјанин на 24 години, кај кого по направените иследувања се детектирани скршеници на три ребра, по што е хоспитализиран на хируршкиот оддел на болницата. Возачот по направените иследеувања е примен на ортопедија во стабилна состојба со потрес на мозокот, скршеница на потколеница и скршеница на скапула, се вели во соопштението од Клиничка болница-Штип.
Претходно од СВР – Штип информираа дека несреќата се случила утринава околу 08.00 часот. Со возилото „фиат дукато“ во сопственост на правно лице од Струмица, управувал 35 годишниот М.Д. од село Иловица, струмичко. Двајца работници починале на лице место, а третиот и по укажаната реанимација им подлегнал на повредите. Причината за несреќата доплнително ќе биде утврдена.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар