Македонија
29. јуни 2016 - 9:34

О Нил: Секое име диктирано од Грција ќе го уништи идентитетот на македонскиот народ

Македонија треба да одбие каков било притисок за промена на името. Според меѓународното право, таа има право да го користи името што самата го избрала.  Ако одредени лица во Македонија сега се залагаат за промена на името, кое име тие сакаат Македонија да го користи? Име избрано од Грција? Секое име диктирано од Грција ќе го уништи идентитетот на македонската нација и народ. Дали тоа го сака било кој Македонец, порачува британскиот амасадор и поранешен медијатор во грчко-македонскиот спор Робин О Нил. 

Првиот посредник во спорот за името во интервју за Програмата „Гласот на народот“ на ТВ Сонце вели дека негов совет до Владата на Република Македонија е ист како изминатиот период, а тоа значи дека смета оти сега Македонија треба да се обрати до Обединетите нации за да ѝ се признае уставното име, и веќе да биде надвор од секакво прашање или спор. Тогаш, вели, ќе биде многу тешко за било која членка на Европската унија да тврди дека името треба да се менува.

- Се восхитувам на силата со која Владата на Македонија во последниве години продолжува да вели дека нема да го промени името, туку едноставно ќе го прави она што никогаш нема да го реши проблемот. Грција е среќна да го остави ова прашање неразрешено за навек, при што Македонија ќе биде исклучена од местото што ѝ припаѓа во Европа, затоа што знае дека единственото решение за прашањето со името на крајот ќе биде тоа што светот во целост ќе се согласи дека Македонија е Македонија, истакнува О Нил.

 
Тој не смета дека референдум за прашањето со името е добро решение и оти тој ќе ги даде посакуваните резултати.
 
- Во однос на прашањето за референдум околу името на Македонија, какво ново име ќе се предложи? И по нашето искуство во Британија минатата недела, цврсто тврдам дека референдумот е опасен инструмент и можеби ќе ви даде глупав одговор, вели О Нил.
 
Задржувајќи се на актуелните случувања во Британија за и околу Брегзит, амбасадорот О Нил вели дека следува период на тешки преговори и одлуки во ЕУ.
 
- Сега, сите сме соочени со многу тешки одлуки и огромен број преговори во Европската унија,  а нејзината политичка положба во светот, како и на Обединетото Кралство се нарушени. Но, какви се импликациите за Македонија? Британија постојано го поддржуваше приемот на Македонија за членство во Европската унија, но, надвор од Унијата веќе нема да бидеме во можност да помогнеме во оваа смисла. Сепак, не смееме да заборавиме дека процесот на напуштање на Европската унија во најдобар случај ќе потрае неколку години, а до тој датум Британија сé уште ќе биде членка, потенцира британскиот дипломат.
 
Верува дека е во интерес на Европската унија Македонија да биде членка, и се надева оти една од последиците од британската одлука за членство нема да биде да се запре приемот на нови членки.
 
- Сите ја знаеме вистинската причина зошто Македонија не е примена во Европската унија. Според мене, забелешките на државата која не сака да ја види Македонија примена одат пошироко од само прашањето за името. Постојат луѓе кои се уште би сакале да видат Македонија како држава, како независна држава, да исчезне. Ова го кажувам многу отворено. Значи, ако Македонија го промени името, верувам дека ќе бидат изнесени нови причини зошто таа да не биде примена во Европската унија или во НАТО, амбасадорот Робин О Нил во интервјуто за Програмата „Гласот на народот“ на ТВ Сонце