Македонија
28. November 2025 - 16:33

Скопјани ќе плаќаат поскапо парно: Цената оди нагоре за да се модернизира топловодната мрежа

Поскапува парното. Најголем број потрошувачи ќе добиваат за речиси 6% повисоки сметки. За домаќинствата приклучени на ЕСМ Енергетика и Скопје Север зголемувањето е околу 8 проценти. Новите цени ќе важат од 1 декември. Првиот регулатор Бислимовски објаснува дека поскапувањето се прави за да се модернизира топловодната мрежа и да се намалат дефектите. Откако е почната оваа грејна сезона досега, до Регулаторната комисија пристигнале над 26 илјади поплаки. 

„Единствена причина за зголемувањето на цената за топлинска енергија е потребата да се инвестира во дистрибутивната мрежа. Мрежата е стара негде од 60-тите години на минатиот век. Се менуваа многу сопственици, кончено пред 3 години е дадена на управување на државна компанија. Таа државна компанија презема обврска дека ќе инвестира во мрежата со една цел, поплаките во наредниот период да се намалат што е можно повеќе“ – Марко Бислимовски, претседател на РКЕ 

Ова е второ поскапување на парното за една година, откако од 1-ви февруари, сметките пораснаа за 5 проценти.

Наредната недела Регулаторната комисија ќе донесе цена за пренос и дистрибуција на електрична енергија и за операторот на пазарот. Според најавите од Бислимовски, тука ќе нема поскапување. По ова, ЕВН ќе треба да направи пресметка за крајната цена и ќе ја достави на увид во Регулаторна. 

Премиерот Мицкоски повторно нагласи дека Владата и понатаму ќе ја субвенционира цената на струјата.

„Иако претходно како Влада бевме критикувани, и во Извештајот на ЕУ, но и од дел од јавноста дека не спроведуваме еден од чекорите кои се дел од планот за раст, а тоа е либерализација на пазарот на електрична енергија за домаќинствста, јасно кажавме дека тој чекор нема да го применеме, бидејќи ако го примениме цената на електричната енергија нема да биде 63,65 евра туку сто евра за мегават-час. Тогаш вкупната цена на електричната енергија за домаќинствата ќе поскапи за фантастични 50 проценти“ – Христијан Мицкоски, премиер 

На вчерашниот тендер, ЕВН прифати за 5% поскапа струја од ЕСМ. Новата цена ќе се применува од 1 јануари и ќе важи целата следна година.