Скопјани стравуваат по својот живот поради свлечиште на Водно, семејства ги напуштија домовите во Шипковица
Жители на општина Центар стравуваат за својот живот поради свлечиште на Водно. Станува збор за лизгање на земјиште кај улицата Партениј Зографски. Тие за Сител велат дека за неколку години дури за три метри е пропаднат ѕидот. Од надлежните институции бараат итна интервенција.
„Полека, полека земјата се рони и се приближува кон објектот, еве повелете доле ќе видите. Се се приближува. Се се спушта земјата“, изјави жител на ул. Партениј Зографски, Скопје.
Треба да се изгради потпорен ѕид за свлечиштето да биде стабилизрано, сметаат жителите.
„Ако не се преземат мерките, ќе дојде време да биде опасно. Ќе дојде еден ден ќе почне да паѓа“, изјави жител на ул. Партениј Зографски, Скопје.
Проблемот беше ставен на маса во Центарот за управување со кризи. Властите заклучија дека е неопходно итно решавање на проблемот. Експерти од Градежниот факултет ќе прават проценка како да се санира штетата, а подоцна ќе предложат и конретни мерки за трајно решавање на проблемот. Врнежите од дожд периодов дополнително и штетат на ситуацијата.
„За стабилизација на свлечиштето мора да се изгради потпорен ѕид. а бидејќи локацијата каде што треба да се изведуваат градежни работи се наоѓа на приватен имот, ниту една институција, вклучувајќи ја и Општина Центар, не смее да спроведе такви активности без соодветна одлука од Владата“, велат од Центар.
„Одлучивме со сите релевантни органи, пративме веќе денеска информација од ЦУК до Владата и чекаме многу брзо решавање на проблемот на Водно, изјави директорот на ЦУК“, Мхухамед Аљи.
Од Владата за Сител потврдуваат дека заклучоците од состанокот се стигнати кај нив, но како ќе се постапува ќе се одлучува на наредната владина седница.
Ова свлечиште не е единствената грижа за граѓаните кои живеат на Водно. Потпорниот ѕид којшто падна позади Детската клиника пред повеќе од година ипол, се уште не е целосно саниран и претставува сериозна опасност.
Поради обилните врнежи од дожд, критично е и во тетовско село Шипковица, каде поради настанато свлечиште четири семејства ги напуштија своите домови.
Директно се загрозени четири куќи. Овие тетовчани нема да се вратат во своите домови се додека властите не проценат дека нема опасност.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
