Во затворската ќелија на директорот на Онкологија пронајден телефон
Мобилен телефон пронашла полицијата при претрес на затворската ќелија на поранешниот економски директор на Онкологија Нехат Нухи. Со оваа информација почна денешното судење за случајот Онкологија во кој поранешните директори Васев и Нухи се обвинети за незаконско раководење со клиниката и двајцата се во притвор. Нухи, во судницата рече дека телефонот го пронашол во ќелијата и не бил негов.
„Не знам што погрешив за да ми упадне полиција во ќелијата, да се однесува недостоинствено и првпат во мојот живот да клекнам на колена. Телефонот не е мој, сум го нашол во ќелијата. Го користев за некои апликации зашто како човек треба да имам пристап до фамилијата“, рече во судницата обвинетиот Нухи.
Судењето продолжи со сведочење на раководителка на одделението за финансиско и шалтерско работење на клиниката. Рече дека обвинетиот Нухи и ја одзел надлежноста да изготвува налози кон добавувачите, Васев одбивал да бара повеќе пари од Фондот за здравствено осигурување, па клиниката нанижала долгови.
Според одбраната, сведокот имал конфликт на интереси бидејќи нејзиниот сопруг бил вработен во една од веледрогериите и била незадоволна што повеќе не може да влијае кој добавувач да добива пари од клиниката.
„И сега таа иста колешка на д-р Васев зборува во истрагата се најлошо за лични работи, дека земал пари од пациенти, дека ги бирал пациентите. Значи, нејзини лични согледувања очигледно од некакви лоши емоции према тој човек заради тоа што била прераспоредена на друго работно место“, изјави Боби Спирковски, Адвокат.
Според обвинението, Васев и Нухи го оштетиле државниот буџет за 36 милиони евра. Одговараат за незаконска набавка и присвојување лекови од Клиниката за онкологија.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
