Македонија
24. November 2025 - 16:36

Утре стратегијата за образование 2026-2032 година ќе биде објавена на ЕНЕР - Јавноста ќе може да дава предлози

Последни корекции на Стратегијата за образование, пред утре официјално да биде закачена на ЕНЕР. Тоа значи дека и пошироката јавност ќе може да дава предлози за подобрување, пред нејзино конечно усвојување. Министерката Јаневска очекува во 2032-та година да види поквалитетно образование. Од поголема инклузија, до придвижување на факултетите до Шангајска листа. 

„Покрај континуитетот којшто го задржуваме, го потенцираме она што сметаме дека е особено важно. Почнувајќи од наставните програми во предучилишното образование, во инклузивната во основно и средно образование, едносменската настава, оптимизација на мрежата, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

Во меѓувреме, во јавноста се уште бранува прашањето зошто се намалени средствата за студентски стандард за следната година. Според податоците, во 2025 година за оваа ставка МОН издвоило 1,7 милијарди денари, додека за 2026-та година - 1,3 милијарди денари. Тоа е 7,3 милиони евра помалку за студентскиот стандард за догодина – категорија под која спаѓаат стипендиите, превозот, оброците и студентски домови за студентите. 

Ова е удар врз младите, обвинуваат од опозициската СДСМ.

„Не може да има пари за манго, папаја и гоштевање на владините функцонери, а да нема за младите. Студентите не се бројка во табела, тие се иднината на државата. А со вакви погрешни политики иселувањето на младите не само што ќе продолжи туку ќе се засили“, изјави Стефанија Кузмановска, потпретседателка на СДММ. 

Министерката пак не конкретизираше од каде и зошто се крати, но вели дека нема да има рестрикции за ниту едно право на студентите.

„Ни едно право кое студентите го стекнале досега нема да им биде ускратено. Бројката е вкупна за сите нивни права. А дополнително има и развојна компонента, тоа се однесува на изградба на студентски домови и после 10 години доградба на ФИНКИ и ФФК. Оттука ги повикуваме студентите да не се вознемируваат.  Како што работевме до денеска и ги исполнивме нивните издржани барања, така ќе продолжиме и понатаму“, изјави министерката Јаневска. 

Денеска е петти ден амандманска расправа во законодавниот дом за Предлог-буџетот за следната година. Пленарната седница според најавите е планирано  да се одржи на 9. декември.