Македонија
18. November 2025 - 16:43

Утре почнува судењето за “Пулс” - едно од најкомплицираните судења во македонската историја

Утре почнува едно од најкомплицираните судења во македонската историја. 35 обвинетети кои Обвинителството смета дека имаат поврзаност со пожарот во дискотеката Пулс, ќе седнат во судницата пред судии, 15 обвинители но и пред родителите чии деца загинаа во трагедијата, а ќе го следат судскиот процес. 

Судниците во Кривичниот суд не се доволно големи за тука да може да се одвива судскиот процес, со оглед на големиот број обвинети, нивните адвокати, обвинителите меѓутоа и јавноста и големиот број на новинарски екипи од земјава и оние кои се најавија од соседството, затоа судењето ќе се одвива во судницата во Идризово.

Подготовските започнаа пред неколку месеци. Судскиот процес започнува во 9:30 часот, под засилени безбедносни мерки, како од судската полиција така и од МВР и дежурна медицинска екипа, а еден час порано треба да дојдат сите за да ги поминат сите технички проверки. Судницата е опремена и со околу 90 столчиња, каде јавноста и новинарските екипи ќе го следат текот на судењето.

Од Кривичниот суд известија дека сите лица кои се сведоци или оштетени ќе бидат дополнително повикувани во постапката да се произнесат.

Судскиот процес започнува по осум месеци од трагедијата, следеа низа протести, саботни маршови на родителите кои бараа што побрзо да почне судењето и да се суди непристрасно за сите кои се виновни што нивните блиски по кобната вечер на 16 март веќе никогаш не се вратија дома. 

За смртта на 63 лица, 35 обвинети и три фирми ќе одговараат за тешки дела против општата сигурност, кои според истрагата придонеле до трагичниот исход. Закажани се по две рочишта неделно, предвиено е судскиот процес да биде интензивен, а за било какви одлагања в.д претседателката на Кривичниот суд најави дека судот ќе ја контролира секоја доставена медицинска документација за евентуално одложување поради здравствени причини. 

Предметот ќе го суди судијката Диана Груевска-Илиевска. На брифингот со новинарите минатата недела претседателката на Кривичен, државниот јавен обвинител како и првиот човек на адвокатската комора уверија дека ќе направат се за да се обезбеди непречено и фер судење. 

Ќе им се суди на сопственикот на дискотеката, тројца градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија, директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пазарни инспектори, фирмата за обезбедување..

Во меѓувреме за полициските службеници се уште нема обвинение зошто уште се сослушуваат сведоци, но според државниот обвинител би требало да биде готово до почетокот на декември. За инспекторите од УЈП пак кои комуницирале со синот на газдата на Пулс, се уште се води предистрага.