12.000 пензионери не добиваат повисоки пензии оти живеат во странство – утврдена дискриминација
12 илјади пензионери од Македонија се дискиминирани и не добиваат повисока пензија само затоа што живеат во странство. Тие не го добија второто линеарно зголемување од 2.500 денари поради измени во Законот за пензиско во кои се додава условот „пензијата да се исплаќа во Република Северна Македонија". Ова го утврди Комисијата за заштита од дискриминација.
„Со измената се создава нееднакво третирање без оправдана цел со исти права и придонеси, дел од пензионерите се исклучени единствено поради место на живеење. Се забележува и недоследност: истата цел еднаш важи за сите, додека вториот пат само за пензионерите резиденти на државата. Ова уште повеќе што надлежните органи воопшто не се осврнале на оправданоста, ниту образложиле која е целта на државата поради која ја исклучила оваа група пензионери“, вели КСЗД.
Комисијата им препорача на Министерството за социјала и Владата заедно со Собранието во рок од 180 дена да го изменат Законот за пензиско што ги дискриминира пензионерите кои не живеат во Македонија. Доколку не се стори тоа тие нема да добијат ниту едно следно зголемување.
Од Владата за Сител велат дека прво ќе чекаат одлука на Уставниот суд. Таму се поднесени три иницијативи и е оформен предмет.
„При донесување на ваква одредба е земен предвид финансискиот капацитет на системот и избегнување несоодветни трошоци што би можеле да го нарушат буџетот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија. Уставот на Република Северна Македонија гарантира еднаквост пред законите, но истовремено дозволува разлики во третманот доколку тие разлики се базираат на релевантни и оправдани критериуми поврзани со јавниот интерес и законските основи“, велат од Владата.
На ист став е и заменик министерот за социјална политика.
„Со ова не само што како држава го заштитуваме пензискиот фонд, туку ги заштитуваме и пензионерите кои се активни во пензискиот фонд. Знаеме дека имаме кревка економија, кревок пензиски систем. Само ако ги видите за пример една Австралија, Франција итн. тие бараат со години наназад за оној којшто бил работник пример во Австралија, 5, 7 или 10 години бараат изводи од сите изминати пензии во Македонија, па потоа прават репроценка колку треба да биде неговото покачување согласно она што го добива и во Македонија“ – Ѓоко Велковски, заменик министер за социјална политика, демографија и млади
Зголемените мартовски пензии беа исплатени на први април, а измените во законот за пензиско се објавени една недела подоцна, на 8 април. Тоа, како што пишува Комисијата, значи дека во моментот на исплата законот не бил во сила, а не може да важи ретроактивно затоа што тоа е спротивно на Уставот.
Дискриминираните пензионери имаат право да ја тужат државата и да добијат отштета.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
