Македонија
18. November 2025 - 16:37

Почеток на национална кампања „1 од 5 – Стоп за сексуалното насилство врз деца“

Секое петто дете во Македонија е жртва на сексуално насилство. На адресата на МВР од 2020 до 2024 година пристигнале 508 пријави од ваков тип. За четири години, 186 деца под 15 години биле силувани. 99 деца пријавиле дека се жртви на полов напад или силување. 44 деца биле принудени да гледаат сексуални дејствија, а 30 биле сексуално вознемирувани. 

Денеска обвинитеството поднесе обвинителен акт против 23-годишник од Волково кој принудувал петгодишно девојче на полови дејствија и и се заканувал дека не смее да му кажува за тоа на нејзиниот татко. Дејствието го вршел од мај до јули годинава. Заедно со обвинението, надлежниот јавен обвинител до судот поднесе и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот. 

Фрапантните податоци се аларм за будење, предупредуваат надлжните служби.

- Овој злостор се случува почесто отколку што сакаме да признаеме. Едно од пет деца е жртва на некаков облик на сексуално насилство. Зад оваа статистика е дете на кое некој не му поверувал, не го слушнал и не му помогнал благовремено, изјави Марција Палота, Делегација на ЕУ во РС Македонија.

Од институцијата Народен правобранител се децидни дека мора да се работи на подобрување на меѓуинституционалната соработка, но и да се преземат мерки кон превенирање насилство. Од Комисијата за заштита и спречување на дискриминација велат дека e важно ваквите случаи да имаат и правна разврска.

Денеска е почетокот на националната кампања „1 од 5 – Стоп за сексуалното насилство врз деца“, која има за цел да ја подигне свеста во градинките и училиштата за превенција и заштита од оваа појава.