Македонија
6. November 2025 - 16:39

Сведок во Онкологија: Преку пријатели добивавме терапија од Нино Васев

Терапијата доцнеше, па преку пријатели ја добивавме лично од директоторот Васев. Ова е дел од исказот на роднина на онколошки пациент кој сведочеше на денешното судење против поранешните директори на Онкологија обвинети за финансиска измама и злоупотреби со терапија на клиниката. За одбраната, таквите изјави не биле во корист на случајот, бидејќи Васев и Нухи одговарале за начинот на кој управувале со болницата.

„Не може роднина на пациент кој што зборува за начинот на лекување на неговиот роднина  да зборува во економоскиот предмет. Се предлагаат докази кои немаат никаква врска со кривичното дело кое им се става на товар на обвинетите“, изјави Боби Спирковски, Адвокат на Нино Васев.  

Во судницата сведочеше и онколог од клиниката кој рече дека иако препишувал одредена терапија, подоцна во нивните истории забележал зголемување на дозите. Според обвинителството, токму таквите искази го откривале начинот на кој Васев и Нухи финансиски ја злоупотребувале клиниката..

„Терапија била раздолжувана на име на пациенти, таа не била, претпоставуваме давана на тие пациенти или како вишок терапија како што и денеска слушнавме дека имало вишок терапија раздолжувана на име на пациенти повеќе од таа што ординирачкиот доктор ја има препишано и тука е тој логичен заклучок дека тој вишок завршувал кај обвинетиот Никола Васев и подоцна тој ја давал на пациентите на кои сакал да биде дадена“, изјави Ана Гоговоска Јакимовска, Јавен обвинител. 

Васев и Нухи се обвинети дека предизвикале штета на Клиниката за онкологија од 36 милиони евра. Во друг предмет Васев одговара и за несовесно лекување пациенти.