Експерти: Критиките на ЕУ за судството и корупција се очекувани, како до позитивни оценки?
Критиките на Европската Унија за судството и корупција се очекувани. Според Коалицијата Сите за правично судење ова е 5ти извештај во кој Македонија добива негативна оценка во една од најважните области, што укажува дека постои загрижувачки тренд на стагнација.
„Мислам дека е сосема реалистична оценката, но она што е проблем е што очигледно како држава не ги сфаќаме сериозно ваквите состојби и покрај тоа што веќе почнавме да гледаме вистински примери како тоа се одразува на секојдневниот живот коишто се впрочем нотирани во самиот извештај на ЕК каде конкретно се посочува на случајот во Кочани како случај кој што е резултат на нефункционирање на системот на заштита од корупција, практикување на интегритет, доследност и почитување на правото“ вели Дарко Аврамовски.
Според Аврамовски насоките на ЕК се прилично јасни – Македонија мора да обезбеди функционална независност на судскиот систем, да ги имплементира статегиите за човечки ресурси во правосудниот систем и да запрат политичките пртисоци кон судството. Но, како ова да се спроведе во пракса?
„Има слух и начелно сите демонстрираат волја и укажуваат на подготвеност, меѓутоа недостига доследност и дисциплина во имплементацијата на сето она кое велиме дека треба да биде спроведено во пракса. Вистинското прашање е колку имаме ние способност и дисциплина за да ги реализираме навистина овие чекори бидејќи еве и самиот закон за Судскиот совет согласно препораките на Венецијанската комисија одамна се превземаат чекори за да се промени тој закон, Владата се обврза да го донесе тој закон до јуни согласно реформската агенда, меѓутоа се уште гледаме дека процесот се уште наоѓа начин како да се развлече и без некое значајно оправдување да имаме застој во целата таа постапка“, вели Аврамовски.
Ако до минатата година Македонија бележеше ограничен напредок во рефомите во правосудството, годинава во Извештајот стои дека „нема напредок“, а корупцијата останува причина за „сериозна загриженост“.
Унијата бара усвојување на нов Кривичен законик, подобрување на евиденцијата за конфискација на имот и зајакнување на финансиските истраги.
За критиките во овој сектор побаравме став и од Министерството за правда, но оттаму засега нема коментар.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
