Македонија
5. November 2025 - 16:30

2026 - Година на раздолжување и задолжување

Година на враќање на стари долгови и нови задолжувања. Министерството за финансии го скрои буџетот за 2026, кој го дефинира како консолидиран и реален, со фокус на фискалната дициплина, транспарентноста и ефикасното трошење на јавните пари. Државата планира следната година во државниот буџет да влеза 6 милијарди евра, но да се потрошат 6,7 милијарди евра. 

Следната година планирано е Македонија да врати стар долг од околу 1,22 милијарди евра. Најголемата рата што доспева е еврообврзницата од 2020 година тешка 701 милион евра. Само за камати ќе платиме 346 милиони евра.
Затоа државата на домашниот и на странскиот пазар планира да се задолж за 1,96 милијарди евра.

Владата очекува раст на економијата од 3,8% во 2026, а инфлацијата да се смири на 2,5%. Главен двигател на растот се очекува да биде домашната побарувачка, поддржана од зголемување на инвестициите во инфрастуктурни проекти како коридорите 8 и 10Д и железничкиот транспорт. Како клучни инфраструктурни проекти за идната година се наведуваат автопатските делници Кичево – Букојчани, Кичево – Охрид, Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Прилеп – Битола и Скопје – Блаце. 

Финансии планира раст на платите во јавниот сектор за 9,7%, и раст на пензиите за 7%, но планира и кратење на капиталните инвестиции за 15,1% како и кратење на социјалните надоместоци за 15,7%. Од предвидениот раст на платите во јавниот сектор најмногу ќе се офајдат службенциите во Законодавниот дом. Во 2026 година нивната просечна плата се очекува да порасне за 20,9%. Драстичен раст на платите ќе добијат и вработените во Дирекцијата за класифицирани информации 11,9%, Управата за извршување санкции, 11,3%. 

Од друга страна, во Бирото за застапување пред Европскиот суд за човекови права ќе има кратење на платите. Финансии предвиде пад на просечната плата во оваа институција за 25,9%. Буџетот вчера влезе во собраниска процедура. До понеделник ќе се поднесуваат амандмани, а целосно усвојување на Буџетот за 2026 треба да биде направено најдоцна до средината на декември.