Македонија
4. November 2025 - 16:38

Постизборни реакции: Власта задоволна - опозицијата молчи

Власта ликува, опозицијата молчи, малите партии водат битка на социјалните мрежи. Два дена по гласањето партиите се уште бројат резултати.

И Левица е задоволна од резултатите и покрај тоа што не освои ниту еден градоначалник. Партискиот лидер на социјалните мрежи со слика од изборната графика на Сител броеше колку урбан народ гласал за Орце Ѓорѓиевски.

И Во ЗНАМ немаат многу за броење бидјеќи на овие избори освоија само еден градоначалнички мандат. Откако вчера пред полноќ портпаролот на партијата ги обвини ВРЕДИ дека го изиграле ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, денеска ретерира. Вели, ставот бил личен а владините партнери треба да соработуваат.

„Победата на овие локални избори што ја остварија ВМРО – ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ е резултат на нашата  взаемна поддршка во сите општини во Македонија, што е потврда на имплементацијата на конзистентните политики на владата во изминатиот период.

По локалните избори владините партнери треба да продолжат во ист правец, затоа што зацртаните политички цели за овие избори се остварени.“ – напиша портпаролот на ЗНАМ Никола Мемов на Фејсбук.

Во ВРЕДИ се сметаат за втора политичка сила во земјава па затоа како што велат, нема да се спуштаат на нивото на Мемов.

Сулејмани потврди дека Беким Сали ќе го замени Меџити во Владата но немаше одговор за тоа дали неговата партија ќе го задржи истиот ресор.

Во СДСМ молк. Последното нешто е од оваа партија на редакцискиот меил се цитати од говорот на Филипче по изборниот пораз во неделата.

Посебно гласни не се ниту во ДУИ кои вчера најавија Конгрес пред крајот на годинава на кој ќе се решава за судбината на актуелното раководство.