Македонија
4. November 2025 - 16:38

Истрагата за Пулс и партиските донации за изборната кампања во фокусот на октомврискиот извештај на Транспаренси интернешнл

Продолжената истрага за пожарот во кочанскиот клуб Пулс, непријавените донации во изборната кампања и вработувањата во Македонски пошти и покрај огромните загуби на ова претрпијатие,  се меѓу настаните кои Транспаренси интернешанал ги оцени како сомнителни за месец октомври во борбата против корупција.

Со самото тоа што истрагата за Пулс се проширува, се остава впечаток дека не се знае уште колку лица се инволвирани во оваа трагедија.

Само 1/3 пак од учесниците на изборите доставиле извештај за примени донации за изборната кампања до предвидениот рок, па со тоа се отвараат сомнежите дека учесниците на изборите не сакаат да ги дадат овие информации, вели претседателот на Транспаренси интернешанл.

Меѓу матните настани навадено е и разврешувањето на апелациониот судија Енвер Беџети поради дисциплинска повреда, но за него не се води кривична постапка иако е ставен на Црната листа на САД, под сомнежи за мито.

Но, во месец октомври според Транспаренси интернешанл не е се така матно. Неколку истраги покажуваат дека правосудството сепак реагира. Истрагата која ја покрена Обвинителството за злоупотреби и малтретирање на згрижените во приватни домови за стари лица, како и откриените сомнежи за криминал со јавни набавки во РЕК Битола.

Во Прилеп пак, шест лица завршија во притвор поради злоупотребите во прилепската болница, а 15 добија мерки на претпазливост за финансиски малверзации, фиктивни набавки и злоупотреби на јавни средства.

Исто така поднесена е кривична пријава против поранешен раководител во  Национални шуми кој овозможил испорака на дрвна маса без претходно плаќање и му нанел штета на јавното претпријатие од нешто над 5.000 евра.

Транспаренси интернешанл секој месец го објавува извештајот бистро-матно во кој се бележат најзначајните случаи на корупција и институционалните реакции.