Македонија
27. October 2025 - 16:34

Уште 5 дена од кампањата за вториот круг, кандидатите за градоначалници и денеска на терен

Со субвенции за обнова на фасадите до поголема енергетска ефикасност и значителни заштеди за граѓаните најавува кандидатот на СДСМ за Центар. Герасимовски вели дека и во новиот мандат ќе продолжи со поддршката за поставување фотоволтаици на училиштата и општинските објекти.

Станарите добиваат субвенции за нови енергетски ефикасни фасади со што ги намалуваат трошоците за греење и ладење, а истовремено добиваат современ и уреден изглед на своите згради. Со обновување на фасадите Центар добива нов модерен, но и автентичен лик“, вели Герасимовски.

Кандидатот за Центар од редовите на ЗНАМ пак најавува финансиска и социјална помош за пензионерите.

Еднократна финансиска поддршка од 7.000 денари за сите пензионери во Центар чија пензија не е повисока од просечната пензија како и 12.000 денари за сите нови корисници на пензија во општината, најавува Лабудовиќ

Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Аеродром денеска го промовираше проектот за целосна реорганизација и зајакнување на комуналните и на инспекциските служби. Трајановски вели нивна задача ќе биде да се грижат за редот, хигиената и безбедност во општината.

Ќе воведеме планско градење согласно со принципите на хуманото живеење, со нови спортски игралишта и зони за рекреација достапни за сите генерации. Паралелно, ќе спроведеме континуирана инспекција и мониторинг на работата на сите загадувачи, како и серија активности за подигнување на еколошката свест кај граѓаните. Субвенциите за алтернативни еколошки системи за греење ќе бидат дополнителен поттик секое домаќинство да стане дел од решението, а не од проблемот, вели Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на Аеродром (СДСМ).

Проект за обновување на шумскиот појас во Кичево најавува кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Според Јовановски, новите садници ќе придонесат и за почист воздух во општината.

За жал, еден дел од тој шумски појас се уништи со несовесно користење и дел со изградбата на големиот проект за автопатот кој ќе не поврзува со Охрид. Кога ќе дојдам на позиција градоначалник, веднаш ќе преминам кон проект за пошумување и враќање на старата шума со што ќе допринесеме за почист воздух, почиста животна средина и поубав живот за сите нас во Кичево, вели Aлександар Јовановски, кандидат за градоначалник на Кичево (ВМРО-ДПМНЕ)

Партиите имаат уште пет дена за промоција на проектите со кои ја бараат довербата на граѓаните, пред вториот круг од изборите закажан за 2 ноември.