Координативна средба на Ѓорѓиевски со советничките групи од коалицијата – во фокус на разговорот биле првите чекори по преземањето на градот
Советничката група од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Даме Димитровски, заедно со советничките групи на нивните коалициски партнери Вреди и ЗНАМ, денеска одржаa координативна средба со кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, на која се разговарало за првите чекори по преземањето на управувањето со градот.
Како што изјави Ѓорѓиевски, првиот ребаланс на буџетот ќе биде насочен кон враќање на функционалноста на градот, чиста животна средина и поддршка на јавните претпријатија кои, како што рече, се во сериозен колапс.
– На средбата разговаравме за првите наши чекори по преземањето на функцијата градоначалник, како и за најгорливите прашања што ќе бидат наш сериозен фокус до крајот на годината. Првиот ребаланс на буџетот ќе биде насочен кон враќање на функционалноста на градот, кон капитални инвестиции, подобра инфраструктура, чиста животна средина и поддршка на јавните претпријатија кои се во сериозен колапс. На Скопје и на неговите граѓани им е потребна стабилност и систематско решение на наталожените проблеми, а не експерименти, туку план, одговорност и работа, изјави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека ќе ја продолжи практиката на отворено и транспарентно управување, по примерот на Општина Кисела Вода и нагласи дека во работата ќе бидат вклучени сите советници, бидејќи, како што рече, секоја алка од синџирот мора да биде дел од заедничкиот процес.
– Ќе бидат вклучени сите советници, бидејќи се избраници на народот. Ние сме еден синџир во кој секоја алка мора да биде дел од тој заеднички процес, во интерес на граѓаните. Се надевам дека освен од нашето мнозинство, ќе добиваме поддршка и од останатите советници кои ќе бидат дел од Советот, рече Ѓорѓиевски.
Носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Даме Димитровски, им се заблагодари на граѓаните за поддршката во првиот круг на локалните избори, истакнувајќи дека Советот ќе работи во интерес на граѓаните и ќе носи одлуки што ќе обезбедат системски решенија за градот.
– Граѓаните избираа политики, планови и проекти, како и човечки карактеристики кои им беа понудени на овие избори. Советот ќе носи одлуки базирани на темелни политики и вредности кои ќе донесат системски решенија за Скопје. Вратата за соработка со сите советници останува отворена, со цел заедничко моделирање на подобри политики и транспарентно следење на работата на јавните претпријатија, рече Димитровски.
Тој најави дека работата на мнозинството ќе се темели на девет основни политики: намалување на загадувањето на воздухот; современ систем за управување со отпад; доверлив јавен транспорт; јавни простори за скопјани; развој на велосипедизмот и алтернативниот превоз; безбеден сообраќај за најмалите; Скопје град на културата; Скопје центар на наука и технолошки развој на Балканот; и транспарентно, одговорно управување со буџетот.
– Ќе создадеме мнозинство кое ќе гарантира транспарентно работење и одговорно трошење на народните пари. За да ги реализираме нашите замисли и цели на Советот му треба градоначалник кој ја познава работата на локалната самоуправа, кој има познавање на работата и веќе се има докажано како градоначалник. На Скопје и скопјани им треба опција која ќе донесе систематски решенија на наталожените проблеми и тие решенија ќе ги спроведе и имплементира ефикасно и тоа во најкус можен рок поради состојбата во градот денеска, рече Димитровски.
МИА
Ново на Сител
-
Шведска може на Украина да и продаде помеѓу 100 и 150 борбени авиони „Грипен“
-
Вонредна есенска дератизација на територија на Општина Центар
-
Под истрага 12 лица осомничени за лихварство и перење пари
-
Нетанјаху: Израел не е протекторат на САД
-
Вардар четвртфиналист во фудбалскиот Куп на Македонија
-
Мицкоски: Потпишавме Меморандум за разбирање со „Бурсток“, која ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари
-
Координативна средба на Ѓорѓиевски со советничките групи од коалицијата – во фокус на разговорот биле првите чекори по преземањето на градот
-
ЕП усвои резолуција за Србија