МВР со дронови ќе го набљудува избирачкиот ден, ќе има и дежурни обвинители низ Македонија
МВР покрај зголеменото полициско присуство во недела на избирачките места, како и на клучните крстосници, ќе има и дронови кои ќе го следат избирачкиот процес со цел навремено да се спречи било каков инцидент што би можел да го попречи демократскиот процес на гласање.
Повикуваат граѓаните и политичките партии да придонесат за мирна и демократска атмосфера и да ги почитуваат упатствата на полициските службеници. И во јавните обвинителства низ државата во недела ќе има вонреден број дежурни обвинители кои се задолжени да постапуваат со приоритет по сите евентуали пријави, информираа од скопското обвинителство.
Јавното обвинителство формираше привремена комисија која и на избирниот ден, како и во предизборниот период ќе продолжи да ги следи постапките во врска со евентуално кривични дела за време поврзани со изборниот процес.
Канцеларијата на народниот правобранител во недела од 7 до 19 часот ќе има отворено бесплатна телефонска линија на која што граѓаните ќе можат да пријават било каква повреда на избирачкото право, а ќе бидат отворени и канцелариите во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип.
Од полноќ почнува изборниот молк, утре ќе гласаат старите и изнемоштени лица во домовите, како и затвореници и притвореници во затворите низ Македонија. Според избирачкиот список прво на глас имаат 2.162 избирачи во притвор или затвор и 450 избирачи од домовите за стари лица.
Право на глас на овие избори имаат 1.832.415 избирачи.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар