Од куќен, сопственикот на „Марковски компани“ оди во ефективен притвор
Судот му го замени куќниот притвор со ефективен притвор на газдата на “Марковски компани”, кој се сомничи заедно со неговата фирма за злоупотреба на јавни набавки во РЕК Битола. Откако Јавното обвинителство се жалеше на одлуката на судот за куќен притвор, поради можно бегство на Борче Марковски, одлуката беше преиначена.
Предлогот на Основното јавно обвинителство Битола е прифатен од Кривичниот совет на Основниот суд во Битола и на осомничениот сопственик на правното лице му е определена мерка притвор. Со ова е уважена жалбата и аргументите изнесени од битолското обвинителство, особено во поглед на ризикот од бегство на осомничениот, и е преиначена одлуката на судијата на претходна постапка, соопштија од Обвинителството.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска прашуваат дали парите што ги земала фирмата на Марковски преку поскапи тендери, завршувале на сметките на Заев?
Обвинителството отвори истрага против осум лица и фирмата „Марковски компани“поради сомнение за незаконски јавни набавки во РЕК „Битола“, за кои се сомневаат дека биле распишани само за да се испумпаат пари од буџетот.
Меѓу осомничените се поранешниот директор на комбинатот и неколку раководители и директори во ПЕ Рудници РЕК, кои во 2023 година наводно ја злоупотребиле службената положба и извршиле измама. Се сомничи дека фирмата Марковски и нејзиниот сопственик издавале фактури за работи што не биле завршени, при што незаконски биле наплатени над 1,7 милиони евра од РЕК Битола.
Според официјалните податоци, Марковски компани за 5 години од тендери во РЕК Битола инкасирала над 140 милиони евра, најчесто без конкурентна постапка и со договор во 4 очи.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар