Сител анализа: Зошто жените заработуваат помалку од мажите?
Жените во Македонија заработуваат помалку од мажите. Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека родовиот јаз на заработувачка меѓу жените и мажите според полно работно време изнесува 12,9%.
Родова рамноправност нема ниту во статистиката за скратено работно време. Истата покажува дека мажите заработуваат 11% повеќе од жените.
Ако ја отворите табелата во јаз за заработувачки посебно по дејности, еднаквоста е мисловна именка. Скоро во сите дејности, мажите заработуваат повеќе.
Мажите земаат значително повисоки плати во дејности за здравствена и социјална политика, за 27,04% повеќе од жените. Значително повисоки плати земаат и мажите кои се бават со преработувачка индустрија и оние избрале кариера во финансии.
Побогати се мажите кои тргуваат на големо и мало, поправаат автомобили и мотоцикли, или се вработени во угостителски објект, во споредба со жените вработени во овие сектори.
Жени кои заработуваат малку повеќе од мажите, се оние кои избрале кариера во транспорт, стручни или научни дејности, градежништво и снабдување со вода.
Економските аналитичари потсетуваат оваа состојба не е нова. Со години наназад е славен фактот дека мажите заработуваат повеќе од жените. Според нив, се должи на стереотипите и предрасудите на населението дека професиите се уште може да се делат на машки и женски.
Родовиот јаз во плати не само што ги држи цврсто економските нееднаквости меѓу жените и мажите, туку го зголемува и ризикот на разни форми на насилство врз жените.
Невладиниот сектор алармира дека ако жената финансиски е зависна од сопругот, може да ја ограничи нејзината можност да побегне од ситуации кои се опасни по нејзиниот живот. Ако жените заработуваат подеднакво со мажите, ќе има и раст на БДП.
Анализата на Статистика за последниот квартал од 24-та покажува дека во Македонија 770.399 жени се способни за работа. 299.260, од нив се вработени, 36.018 не. Но, експерската јавност потенцира дека загрижувачки е фактот дека 435.122 од жените се надвор од пазарот на трудот.
Дополнително, согласно анализата на пазарот на трудот, жените работат во помалку платени сектори, како здравство, образование и грижа, каде трудот се смета за „природна“ женска улога, а не како вредност што треба да биде соодветно платена. Непостоењето на транспарентност во платите им овозможува на работодавачите да нудат пониски плати на жените, особено при вработување.
Во 2023-тата година, статистиката на Евростат покажува дека во просек жените заработуваат 12 проценти помалку од мажите.
Латвија е државата во која има најголем јаз во заработувачката меѓу мажите и жените. Таму мажите заработуваат дури за 19% повеќе од жените. Најблиску до тотално еднаква родова заработувачка е населението во Луксембург. Таму жените за нешто под еден процент се побогати од мажите.
Експертите од економскиот свет проценуваат дека за еднаква родова заработувачка во Македонија ќе треба уште многу долго време.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар