Македонија
2. May 2025 - 16:24

Протест на вработените во Зоолошка градина - Тврдат дека немаат земено плата за март, останале и без здравствено осигурување

Ако не се исплати мартовската плата за вработените во зоолошката во Скопје, утре ќе се затворат вратите од оваа установа, предупредија од СОНК. 50-тина лица кои се вработени во зоолошкта градина, од вчера останале и без здравствено осигување. 

„Последната плата ја земавме пред точно 45 денови. Нас ни требаат пари, од вчера изгубивме и здравство, ради неземена плата на време, коишто имаме наши колеги кои се на боледување – бараат да им се реши, кај без пари – па кај без здравство“, изјави Миле Танески, претседател на Синдикална организација при ЗОО Скопје. 

„Ако денеска луѓето излегоа да ја кажат својата мака јавно на медиуми, од утре па натака, доколку под итно не се исплатат платите веројатно и вратите на зоолошката ќе бидат затворени“, изјави Јаким Недлков, претседател на СОНК. 

Синдикалците тврдат дека вработените во зоолошката не се единствените, без плата останале и сите културни установи кои се под локално раководство. 

Директорот на зоолошката кој денеска не одговори на телефонските повици на Сител, вчера преку Фејсбук соопшти дека проблемот со платите не лежел во менаџментот на установата.

„Вработените во ЈУ Зоолошка градина Скопје, кои се грижат за над 500 животни, платата за март се уште ја немаат добиено поради Министерството за култура кое е должно да ја исплати. Оттука јасно произлегува дека вината за неисплатените плати не е во менаџментот на Зоолошка градина Скопје како што во јавноста пробаа да излажат и манипулираат одредени поединци, за што ќе побараме јавно извинување“, напиша директорот на ФБ. 

Попладнево од Министерството за култура и туризам во одговор за Сител велат дека од Град Скопје утрово ја испратиле документацијата за плати. 

„Од Град Скопје е пристигната документацијата за плати за вработените во локалните установи кои се под надлежност на  градот. Истата се обработува и ќе биде проследена до Министерство за финансии“.