Македонија
28. April 2025 - 16:34

Претседателката на ДКСК Димитровска веднаш да поднесе оставка

Димитровска итно да си поднесе оставка од чело на Антикорупциска бидејќи ја инфицира институцијата, и порача нејзината претходничка Билјана Ивановска.

Претходниот состав на комисијата смета дека ќе биде потребно време кај граѓаните да се врати довербата во антикорупциска која беше градена изминатите 5 години.

-Се случило што се случило, сега треба да гледаме како понатаму, значи треба да се бара чаре. На потег е Собранието – кои механизми може да ги преземе, што може самата институција да направи од аспект на самопроцена на ризици од корупција. Претседателката на ДКСК мора под најитно да си поднесе оставка затоа што на овој начин сè уште ја инфицира институцијата, значи треба да се тргне за институцијата да може слободно да се чисти“, изјави Ивановска.

-Дали целата ДКСК треба да се повлече? – сметам дека не треба. Тоа сепак е индивидуална одговорност иако обвинението  има влијание  врз нејзината работа и врз угледот кај јавноста. Довербата тешко се стекнува, а лесно се губи, а ДКСК сега се на граница на довербата, рече Владимир Георгиев, поранешен член на ДКСК.

Ставот дека Димитровска треба да понесе морална одговорност го дели и Снежана Камиловска Трповска, која при изборот на овој состав во Собранието беше дел од комсијата за селекција и која во издвоено мислење реагираше на партиски влијанија врз изборот на членови на ДКСК. Наспроти 100те поени кои Димитровска при изборот ги доби од политичките партии, граѓанскиот сектор ја оцени со само 20 поени.

-Моделот за избор на членовите на ДКСК обезбеди ова тело да биде натпартиско и натполитичко. Во изборите во 2023 година овој модел беше злоупотребен  и имаше политичко влијание така што веќе имаме негативни оценки за резултатите од нивната работа од страна на меѓународните институции. За жал овој состав на ДКСК не успеа да воспостави систем на отчетност во текот на минатата година  како што успеа претходната ДКСК, порача Снежана Камиловска Трповска, програмска координаторка на МЦМС.

Актуелната претседателка на антикорупциска Татјана Димитровска од минатата недела е на списокот осомничени во проширената истрагата за Адитив, под сомнеж за оддавање службена тајна на еден од осомничените, за криминали во државната ЕСМ тешки 6,5 милиони евра. Димитровска е недостапна за јавноста, не смее да има контакт во предмети, ниту со било каков документ поврзан со работењето на антикорупциската комисија.