Македонија
28. April 2025 - 16:33

Спречен колапс на македонскиот електросистем за време на велигденските празници

Избегнат можен колапс на македонскиот електросистем за велигденските празници. Од фотоволтаичните централи имало поголемо производство на електрична енергија, па немало каде да се продаде или потроши.

За да не дојде до испад, МЕПСО и електродистрибуција од 18 до 21 април исклучувале централи по своја проценка, по одлука на Регулаторната комисија за енергетика.

Во барањето на МЕПСО до РКЕ пишува дека се бара усвојување на времена мерка за да се превенира можност за целосен распад на електроенергетскиот систем.

Сега состојбата е стабилна, вели првиот човек на МЕПСО.

„Правиме максимални напори да го стабилизираме системот и да немаме никакви проблеми во целата мрежа. Системот е во стабилна состојба и за тоа ние сме гарант. Системот е стабилен“ - изјави Бурим Љатифи, директор на МЕПСО.

Компаниите кои се оштетени од оваа мерка нема да бидат обесштетени.

Ваквите состојби во иднина треба да се надминат со инсталација на батериски системи кои ќе акумулираат вишок на струја кој ќе го користи во текот на ноќта.