Македонија
27. April 2025 - 16:33

Хуманитарна аукција за семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани

Во организација на граѓанската иницијатива „Support Kocani“ синоќа во центарот за култура „Бели мугри“се одржа хуманитарна аукција. На аукцијата беа изложени 60 уметнички дела од вкупно 140 понудени. Од „Support Kocani“ информираа дека се собрани над 1,8 милиони денари или околу 30 000 евра, средства кои ќе бидат распределени за помош на сите засегнати од трагедијата во дискотеката „Пулс“. 

- Добро ќе беше никогаш да не се собереме за да прибираме финансиски средства и да помагаме на ваков начин. Уметноста и сликарството да нѐ споеја на поинаков начин, но секоја подадена рака во овој хуман настан за нас значи многу. Благодарение на сите, на учениците од Школата за цртање и сликање и на волонтерите кои се вклучија во организацијата, настанот дојде до степен на сериозност и ова е само почеток на еден пат за собирање средства што долгорочно ќе им се потребни на сите засегнати од овој пожар“, изјави Александра Димитрова, раководителка на Школата за цртање и сликање при ЦК „Бели мугри“.

Процесот на наддавање беше динамичен, со повеќекратно наддавање за најголемиот број дела, а за дел од нив беа понудени и по неколку десетици илјади денари. На настанот присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска Давкова, како и бројни стопанственици, уметници и граѓани.

Во знак на почит кон загинатите, на 4-ти мај ќе се одржи велосипедска тура по стариот пат од Кочани до Штип и назад, во должина од 62 километри, колку што млади животи згаснаа како последица на пожарот на 16-ти март.