Сител сторија: Единствениот дипломиран оџачар во Македонија е жена
Оџачар среќа носи, ќе речат постарите. Но, кога ќе сретнете жена оџачарка, дали тоа значи двојна среќа?
Запознајте ја Јасмина, единствената дипломирана жена оџачарка во Македонија. Жената која со години ги руши предрасудите и стереотипите дека професиите се уште може да се делат на машки и женски.
Јасмина веќе една деценија се качува на покривите од куќите, за скопјани да си го запалат ќумбето и да немаат мака, дали нивните оџаци се чисти. На почетокот од нејзината кариера, и не било така очекувано, дека на врата ќе им се појави жена оџачарка.
„Јас одев со дечките и имаше постари госпоѓи кои велеа. „Што е ова, што сте ми пратиле оџачарка?“ Јас им велев, ако оџачар носи среќа, оџачарка носи дупла среќа. И така, на почетокот сите ќе се изненадат, меѓутоа, верувајте ми дека апсолутно нема проблем, затоа што не се работи за сила, туку за техника“, раскажува Јасмина.
Денеска, ситуацијата е поинаква. Важно е мајсторот да ја заврши работата, ретко некој гледа дали е маж или жена, смета Јасмина.
„Предрасудите од тој тип се надминати, за Скопје воопшто не е ни прашање затоа што веќе никој не е изненаден за било која професија да се работи, па и за оџачарството. Во внатрешноста каде што имаме повозрасна популација можеби, но младите мислам дека воопшто не обрнуваат внимание на таквите работи. Апсолутно, тие стереотипи сметам дека и во Македонија се надминати“, додава Јасмина.
Но, сепак и по десет години, Јасмина се уште е единствената дипломирана оџачарка. Професијата не е атрактивна за младите. Во единственото училиште во државата каде младите имаат можност да го учат овој занает, во последните шест години, за оваа струка, ниту еден ученик не се појавил на уписите.
Затоа, Јасмина држи обуки. Занаетот досега го пренела на триесеттина лица. А токму во последната обука за оџачари, доминирале жените. Предава во нејзината работилницата, која е опремена од сајла до олук. Но, вистинскиот предизвик пред да се земе сертификатот е теренската пракса.
Ако не сте го исчистиле нередот којшто сте го направиле во домот на граѓаните, нема ниту да положите кај Јасмина.
„Кај мене не можеш да положиш ако оставиш неред зад себе. Ако паднале плочки, ако си извалкал подот ако ѕидот си го извалкал не проаѓаш“, децидна е професорката.
На крајот на денот, за цело Скопје има само 30-тина сертифицирани оџачари и оџачарки. Оваа бројка далеку од доволна за цело Скопје, а камоли за цела држава. Додека оваа услужна дејност не прерасне во комунална обврска, постои голема опасност од несреќи.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар