Македонија
17. April 2025 - 16:40

Христијаните го празнуваат Велики четврток

Со денешниот Велики четврток започнува празнувањето на велигденските празници. Уште пред изгрејсонце се бојадисуваат првите јајца, во црвена боја, бидејќи се верува дека токму оваа боја ја означува Христовата крв. 

Храмовите и црквите низ државата утрово беа полни со верници, бидејќи се одржаа утрински литургии. По повод празникот, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, утринава богослужеше на Василиева литургија со вечерна во храмот „Свети Димитриј".

Велигден е најголемиот и најубавиот христијански празник, велат граѓаните. Денови резервирани за време со најблиските. 

Утре е Велики петок, строг пост. На овој ден, Исус бил распнат. Велика сабота е ден во исчекување на Христовото воскресение. Навечер се оди во црква, а на полноќ се кршат вапцаните јајца. 

Во недела се мрси, бидејќи на тој ден Исус воскреснал, а Православните верници се поздравуваат со поздравот Христос воскресна и Навистина воскресна.