Македонија
15. April 2025 - 16:32

Тошковски за ДУИ, СДСМ и Левица – политички паразити на кои им пречи расчистување со криминалот

„Приврзоците на ДУИ“ и „политичките паразити“ денес глумат глас на совеста. Министерот Тошковски преку фб одговори на секојдневните напади на ДУИ, СДСМ и Левица кои обвинуваат дека истрагата за Кочани ги штити функционерите на ВМРО-ДПМНЕ. Трите партии според Тошковски се здружени бидејќи им пречи што Македонија конечно почна со расчистување со корупцијата и ставање крај на политиката на неказнивост.

Левица си игра со гневот на народот, СДСМ не понесе одговорност за јиту една трагедија, а ДУИ да одговори каде е Груби.

-Ова не е само моја битка, ова е наша битка. Ова е битка на сите граѓани кои 30 години живеат во држава во која политичката елита си играше фудбал по канцеларии и ја шутираше Македонија како топка. Денес, наместо тие да ја шутираат државата како што сакаат, законот почна да ги удира токму таму каде што најмногу ги боли. Правдата почна да тропа на вратата на секој оној кој мислеше дека таа никогаш нема да го посети. И таа правда нема да се врати назад без резултати. Ако нападите се цена што мора да ја платиме за ова, тогаш јас сум подготвен секој ден да ја плаќам, затоа што ова не е само политичка битка. Ова е враќање на Македонија таму каде што и е местото, во рацете на граѓаните, а не во рацете на криминалците.“ – се вели во реакцијата на Тошковски.

Наместо да се жали на фејсбук, Тошковски да си поднесе оставка како минимум чин на лична одговорност, му порачаа од СДСМ.

-Началници, командири, луѓе од БЈБ, па дури и полицајци што биле таа вечер на лице место – никој од нив не е ниту повикан, ниту истражуван. Тоа е срамно. Тоа е директен доказ за селективна правда. Има ли поголем доказ за морален пораз од тоа што советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Кочани поднесе оставка, а министерот не? Како е можно политички претставник на локално ниво да покаже повеќе карактер од човек кој води едно од најмоќните министерства? Дури Тошковски измислува некакви алијанси и на празно обвинува, нема никакви алијанси, има само прашања на кои тој не дава одговори, вели Миле Талевски СДСМ.

Претходно преку писмено соопштение оставка од Тошковски побараа и од ДУИ, бидејќи како што велат во Македонија постои јасна традиција, министер да понесе оставка по голема трагедија. Вчера Левица во Собранието поднесе и интерпелација за работењето на министерот за внатрешни работи. Од ВРЕДИ денеска велат дека интерпелацијата е депласирана бидејќи 30 дена се прекраток период за да се дава оценка како се води истрагата за Кочани.