Македонија
6. April 2025 - 16:43

Мицкоски: Владата е стабилна

Владината коалиција е стабилна, тврди премиерот Мицкоски по информациите во јавноста дека се распаѓа партнерската коалиција Вреди. Премиерот не сакаше да ги коментира информациите дека Арбен Таравари ќе ја напушта коалицијата „Вреди“ и не одговори дали доколку се случи тоа Вреди побарале од него да го тргне министерот за здравство. Мицкоски уверува дека Владата функционира обединето и единствено со 78 пратеници во кои ја поддржуваат во парламентот. 

Со него на настанот беа и двајца од коалицијата Вреди, Изет Меџити и Биљал Касами, но не ги  дополнија со коментар вака изнесените тврдења на премиерот. Алијанса на Таравари одржува партиско собрание, а пред почетокот на состанокот тој рече дека се уште се дел од коалицијата Вреди и ќе се обидат да најдат заедничко решение. Негира повторно обединување на партијата со Зијадин Села иако на состанокот се појави со Исен Шабани кој беше дел од неговото крило. 

Во однос на последните обвинувања од лидерот на ДУИ дека Албанците биле деградирани и се наоѓале во положба како пред 2001-та, премиерот одговори дека ваквите ставови немаат тежина за коментирање. ДУИ наметнува етнички тензии оти се водат истраги против нивни функционери, вели Мицкоски.

Ахмети вчера категорично негираше каков било договор со Арбен Таравари и порача дека ДУИ не се резервна гума за сценарија на други коалиции. Лидерот на ДУИ упати отворена покана до коалицијата ВЛЕН да ги напушти државните институции, објаснувајќи дека партијата не може да се користи како замена секогаш кога некој одлучува да се повлече.