Aмбасадорите на Пендаровски Владата ќе ги враќа со толкување
Десетмина кои сега земаат амбасадорски плати, но кои заминаа на дипломатска мисија само со дозвола на експретседателот Пендаровски, но без да ги образложат своите тези во Собранието до крајот на јануари би требало да бидат вратени во Македонија. Тоа нема да биде направено со законски измени, туку преку автентично толкување дека дел од законската обврска на секој кандидат за амбасадор е да ја помине и Комисијата за надворешни работи.
„Одредбата од ставот 3 на членот 39 треба да се толкува така што презентирањето на своите согледувања на кандидатот за амбасадор, за односите со државата на приемот или меѓународната организација, пред надлежното работно тело на Собранието, за надворешна политика е законска обврска, без којашто не може да биде потпишан указ за поставување на амбасадор од страна на претседателот“.
Неофицијално на списокот се 10 дипломати кои заминааа без да ги поминат тезите пред тогашната Комисија за надворшени работи што ја водеше Милошоски. Меѓу нив е и Фрчковски, кој веќе е вратен од мисијата на Обединетите нации откако поднесе оставка поради сомнеж за незаконски постапувања. На списокот на вакви дипломати е и Жерновски во Букурешт, но и амбасадорите што отидоа во мисиите во Брисел, ОБСЕ, Прага, Софија, Стокхолм, Сараево, Лондон.
Од Европскиот фронт против толкувањето.
Со автентично толкување се овозможува, и Владата, по предлог на министерот да побара предвремено повлекување на амбасадор надвор од редовните услови: ако е прогласен за персона нон грата, ако вршел незаконски дејствија, ако работел на штета на државата или ако добил нова функција.
„Одредбата на ставот 4 на член 45 од Законот, треба да се толкува така што можноста за покренување на иницијатива за отповикување на амбасадорот и од страна на Владата, по барање на министерот, претставува одвоена постапка, односно е посебен, дополнителен услов, којшто е издвоен од условите наведени во ставот 1 на овој член“, стои во новото толкување.
Од опозициската СДСМ сметаат дека ова е можност да се отповикуваат амабсадорите на мала врата без законски измени, само по волја на Владата.
Засега нема информации за кои тековни амбасадори Владата преку министерот Муцунски ќе го примени ова толкување и ќе ги врати дома.
Минатиот месец, поради истек на мандатот пак, Силјановска-Давкова повлече 7 амбасадори, меѓу кои и тој во НАТО. Најавите од Муцунски беа дека веќе се почнати консултации во државниот врв за именување на нови амабсадори. Министерот најави дека голем дел од нив би требало да бидат редот на професионалните дипломати.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар