Сопругата на градоначалникот на Радовиш избрана на член на Судскиот совет, СДСМ обвинува за скандал
Скандалозен е изборот на Данка Ристова, сопруга на актуелниот градоначалник на Радовиш, за нов член на Судскиот совет, обвинува СДСМ. Според опозицијата, наместо реформите кои ги ветуваше ВМРО-ДПМНЕ, јавноста е сведок на брутална партизација на судството.
Ова се партиски инсталации во судството како во време на режимот. Истото тоа што го правеше ДПМНЕ порано се прави и сега. Чист обид за поставување на контролирано, партиско судство кое нема да служи на граѓаните, туку на нивните интереси. ВМРО-ДПМНЕ е партија која секогаш кога е на власт имала една единствена цел, ставање на судството по контрола и сега тоа го докажува на дело, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Данка Ристова е докажан професионалец, избрана на непосредни избори од апелационите судиите од Штип, Струмица и околината. Како може ВМРО-ДПМНЕ да им каже на судиите избрани од СДСМ и ДУИ за кого да гласаат, прашуваат од владејачката партија.
Обвинувањата дека градоначалник на мала општина како Радовиш има било каква моќ или влијание врз процеси од национален карактер, како што е изборот на членови на Судскиот совет, се апсурдни и далеку од реалноста. Граѓаните знаат како се бирани судиите во Струмица и кој ги бирал, но и во цела Македонија, оттука небулозно е да се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ може да влијае на нејзиниот избор. Очигледно е дека кај судиите при гласањето на крај сепак преовладеала мислата да изберат врвен професионалец, наместо послушник на СДС и ДУИ како до сега, возвраќаат од ВМРО-ДПМНЕ.
Помеѓу пет кандидати од штипското апелационо подрачје, судијката Данка Ристова вчера доби мнозинство гласови на непосредните избори и стана нов член на Судскиот совет. Покрај нејзе, во судски седнува и судијата Аритон Ала од скопска апелација, како единствен кандидат на вчерашните избори. Изборот доаѓа во период на силни критики од власта за работата на Судскиот совет и додека Министерството за правда спроведува јавни расправи кои треба да резултираат со нов закон за реформирање на најважното судско тело, но и десетеина дена по оставката на претседателката Весна Дамева која се пожали на политички притисоци. Судскиот совет во мометов го предводи потпретседателот Зендели.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар