Македонија
9. July 2022 - 17:42

Склад со гранати од Првата светска војна пронајден во Дојран

На влезот во Дојран, на околу стотина метри од една од плажите откриено складиште со гранати од првата светска војна. Се работи за 75 милиметарски артилериски гранти од француско производство кои  се  пронајдени  случајно од страна на градежен работник кој вршел ископ на земјиште за насип. Од дирекцијата за заштита и спасување велат дека станува збор  за класично полско складиште во кое освен гранатите имало и околу триста парчиња митралеска муниција.

„Средствата се складирани и се со транспортни запалки, но поради големото време на стоење, 120 години, запалките  се оксидирани и се во распадната состојба и тие средства се многу ризични бидејќи детонаторот веќе е ослободен и при повисока температура може да дојде до активирање на истите. Работиме на откопување на истите, а крајната бројка не знам до каде ќе дојде. Може ќе се осумдесет, деведесет, сто, но не може да биде како во Битола 12 300 парчиња. Максимумот може да биде од 400 до 600 парчиња ако не се трошени. Ако е трошени ќе бидат помала количина," вели Ефтим Митров - Раководител на тим на пиротехничари во  ДЗС.

За пиротехничарите од ДЗС откриеното складиште не е изненадување бидејќи Дојран е еден од терените низ кој минувала линијата на Солунскиот фронт и токму тука многу често може да се најдат такви убојни средства.

- Ова е се линија на Солунскиот фронт. Овде секојдневно имаме интервенции. Лани точно на втори август на самата градска плажа, под јаворите сега каде што е паркот, таму излегоа четири гранти. Луѓето покрај нив седеа, а не ни знаеа.  Овој терен е премногу загаден, но овие вакви полски складишта неможе да ги пронајдеме без соодветна опрема. Постојат скенери за длабисно пребарување. На овој терен постојат безброј такви складишта, но ние не може да ги откриеме се додека не започнат некои градежни работи или случајно не се налета на нив, вели Митров.

Од Дирекцијата за заштита и спасување апелираат до граѓаните, доколку се најдат во ситуација да забележат вакви експлозивни средства да не ги преместуваат или пак да преземаат нешто на нивна рака, туку да пријават во најблиската полициска станица.