ЕСМ ќе штеди поради енергетската криза, непотребните работници одат на принуден одмор
Државната ЕСМ ќе штеди со праќање на работниците на принуден одмор. Точно колку од вработените ќе заминат, се уште не е утврдено. Се прават последните анализи во секторите. Сепак од компанијата потенцираат дека целта е во енергетска криза да се намалат непродуктивните трошоци и производството да се реализира со помалку материјални и човечки ресурси.
- Во тек е постапка на утврдување на работни места кои не се неопходни за производството на електрична енергија во одреден временски период. Извршителите на утврдените работни места ќе бидат упатени на принуден одмор не подолг од три месеци, согласно согласно Законот за работни односи, со исплата на 70% од платата. Стопирани се спонзорствата, репрезентациите, службените патувања кои не се строго поврзани со производството на електрична енергија, сведена е на неопходниот минимум исплатата на прекувремени работни часови, додека законската дневница за патување се исплаќа во половина износ. Запрена е набавката на возила, освен на оние кои се потребни за производниот процес, додека употребата на патнички возила е целосно и строго рационализирана, се вели во дописот на компанијата.
Од Синдикатот на ЕСМ за Сител велат дека до нив нема пристигнато ваков документ, но јасно прецизираа дека не се сложуваат со донесените одлуки.
И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ваквата одлука веднаш треба да биде повлечена. Понудија и правна помош за овие работници.
Од владејачката СДСМ пак возвратија дека ЕСМ воведува мерки за штедење за да нема рестрикции за граѓаните и дека овој чекор е за поздравување.
И додека дел од компаниите носат мерки за штедење, во пресрет на формирање на нов владин кабинет, на сајтот на агенцијата за администрација обајвени се огласи за вработувања во генералниот секретаријат на владата. Се бараат референти, соработници, советници. Од владините служби образложија дека за работните места имаат реална потреба од кадар и на огласите може да се пријават сите кои исполнуваат условите. Велат дека вработувања се поради флуктуација на кадар, а согласно годишниот план.
-
Ирена Чачкова
Сите содржини од овој новинар