Бизнис
5. November 2017 - 17:30

Наместо ветените 160 милиони евра за земјоделците владата планира 136 милиони

Околу 136 милиони евра за земјоделците се планирани во државната каса за следната година. Производителите се изненадени. Велат дека очекувале 160 милиони евра субвенции и пари за рурален развој, кои Владата им ги ветила во изборната програма. Коментираат дека дополнително оптоварување за нив е и поскапувањето на нафтата, со што ќе им се зголемат трошоците за производство.

Минатиот месец ресорниот министер најави дека зелената поевтина нафта земјоделците ќе можат да ја користат од следната година. Производителите апелираат надлежните да побрзаат со законското решение и да го реализираат ветувањето.

Нема кратење на субвенциите. Ветените 160 милиони евра етапно ќе се достигнат до крајот на мандатот, објаснува директорот на Платежната агенција во телефонски разговор за Сител. Иако во програмата на владеачката партија пишува дека Владата ќе обезбеди годишна финансиска поддршка за аграрот во тој износ, а надлежните повеќе пати изјавија дека за четиригодишниот мандат земјодeлците ќе добијат 640 милиони евра помош.