Бизнис
24. September 2017 - 16:17

Богов: Македонската економија тешко дека ќе оствари некаков раст оваа година

 

Тешко дека годината ќе заврши со позитивен економски раст. Ова го прогнозира гувернерот на НБ во интервју за Ројтерс. Богов оценува дека по падот на економијата во првата половина годинава предвидувањата од  април за економски раст од 2,5 отсто биле премногу оптимистички. Политичката криза предизвика поголем пад отколку што првично сметавме, вели гувернерот.

Тој нагласува дека со падот на БДП од 0,9 % во првата половина од годината би бил среќен ако годината заврши со позитивен раст. Но наведува дека ако целосно се стабилизира политичката ситуација можно е догодина економијата повторно да бележи позитивни резултати.

– Доколку имаме целосна политичка стабилност и економски политики од новата Влада, можеме да очекуваме растот постепено да се врати на трендот што го имавме пред да западнеме во политичката криза во 2015 година, вели Богов,

Гувернерот очекува Владата да продолжи со фискалната консолидација за да го стабилизира буџетскиот дефицит кој се проценува на околу 3 отсто за годинава. НБ смета дека нема потреба за дополнително прилагодување на основната каматна стапка која е на историски минимум. Банката во следните години внимателно ќе ја следи состојбата со надворешниот сектор и фискалната политика.

По тригодишна дефлација Богов очекува годинава инфлацијата да достигне 1,3 отсто а следната година стапката да изнесува 2 %.

Британската агенција потстетува дека македонската економија лани оствари раст од 2,4 отсто но  во вториот квартал годинава БДП имаше пад од 1,9 % што е негово прво намалување од 2012.