Бизнис
5. July 2017 - 19:47

Градоначалниците бараат помош од Владата по реферндумите против новите рудници

Градоначалниците од југоистокот бараат Владата итно да се произнесе во однос на доделените концесии за рудниците.

Тие уште минатиот месец побарале средба со премиерот Заев, но засега само добиле одговор дека нивните барања се препратени до Министерствата за економија и животна средина.

Велат дека по одржаните референдуми, граѓаните се загрижени и очекуваат одговори. Но, тие како општини немаат надлежност да постапуваат врз склучените договори и издадените концесии за истражување и експлоатација.

-Граѓаните од нас, а пред се и од Владата очекуваат одговори. Граѓаните во нашите општини се загрижени и бараат одговори. Загрижени се во однос на тоа дали рудниците ќе загадуваат и бараат одговри, како и ние, дали Владата на Република Македонија ќе дозволи градба на рудници или рудниците во југоисточниот регион ќе бидат стопирани. Денеска сме во Скопје дел од градоначалниците од југоисточниот регион, се надеваме на прием кај претседателот на Владата, со цел да донесеме соодветни заклучоци и да дадеме одговори на нашите граѓани, изјави Стамов.

Премиерот Заев денеска на новинарско прашање за рудниците потенцираше дека нема ништо поважно од животот и здравјето на граѓаните. Државата ќе се откаже и до приходите во буџетот ако се докаже дека рудниците се штетни. Рече дека стручните служби работат да реагираат согласно референдумите но треба да се внимава и на интересот на инвеститорите кои добиле договори.

Досега референдуми се одржаа во Богданци и Гевгелија каде граѓаните се изјаснија против отворањето на рудниците, а референдуми ќе има и во Дојран и Валандово.