Негативен природен прираст на истокот
Негативен природен прираст во сите општини од Истокот. Бројот на новородени деца од година во година се намалува. Според последниот извештај на Заводот за статистика, најмало учество во однос на вкупниот број раѓања во државата има во Источниот Регион од само 5.8 %. Во минатата 2024-та година на акушерското одделение при штипска Клиничка се родени 418 бебиња.
- Намален е тој број како и во сите други родилишта, намален е за 10% споредбено со претходната година, изјави Станка Јаневска-Велкова, раководител на гинеколошко одделение, КБ - Штип
До пред само една деценија на оваа одделение се раѓаа над 1000 бебиња годишно. Слична е состојбата и во кочанската болница, каде во 2023-та имало 35 породувања, а лани скоро за 40% помалку.
- Имаме 22 породувања, некаде околу 1500 прегледи и околу 225 хоспитализации, од кои за заканувачки абортуси и оперативни породилни интервенции , од типот на киретажи, биопсии и слично – изјави Илчо Атанасовски, специјалист гинекоог акушер, Општа болница-Кочани
Бројот на новородени се намалува и од причина што породувања се вршат и во приватните болници. Поради тоа, на штипско акушерско се подбруваат условите за престој на идните мајки и бебиња.
- Веќе сме модернизирани, направени се два нови апартмани и уште две соби кои се со многу подобрени услови. Во план сме за реновирање на тоалетот, а ова треба да се случи веднаш после Божиќ, така што ќе има многу подобри услови за родилките, за идните мајки – додаде Јаневска-Велкова.
Главна причина за намалениот наталитет и понатаму е масовниот бран иселувања, пред се на младите луѓе од источниот дел на државата.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар