Научник кој живеел и работел во Нови Сад е Македонецот кој загина на железничката станица
„Насмеан, секогаш насмеан“.
Вака колегите го опишуваат научникот Васко Саздовски кој настрада во несреќата во Нови Сад кога натстрешница од Железничката станица падна и уби 14 луѓе.
Васко живеел во Нови Сад и работел во Институтот БиоСенс. Негова специјалност била роботиката во земјоделството, објаснува во изјава за Сител директорот на институтот.
-Васко е истражувач, научник кој нешто повеќе од една година работеше во Институтот на роботика. Институтот Биосенс е специјализиран за имплементирање информатички технологии во биосистеми, особено земјоделството. Задачата на Васко беше да развива паметни роботски решенија за иднината на земјоделството, вели директорот на Институтот, Владимир Црнојевиќ.
Натстрешницата паднала додека тој чекал воз со кој требал да се врати во Македонија.
-Тој живееше во Нови Сад, но речиси секој викенд одеше за Скопје. Така што, тргна на воз кон Белград, па потоа со автобус кон Скопје, вели Црнојевиќ.
Според информации на Сител, членови на неговото семејство денеска се во Нови Сад за да го потврдат неговиот идентитет. Тоа практично последната административна процедура пред српските власти да дозволат неговото тело да биде донесено во Македонија. Од Македонското МНР велат дека остануваат во директна и редовна комуникација со Белград.
-Македонската амбасада во Белград е во редовна комуникација со семејството на починатиот околу потребните административни процедури за транспортирање на телото на починатиот во нашата држава, велат од МВР.
И првиот човек на Владата најави помош за семејството на Васко.
-Во текот на вчерашниот ден се слушнав и комуницирав со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Тој воспостави комуникација со неговиот колега. Работиме, ќе помогнеме колку можеме за да, ете, колку можеме да ја ублажиме болката поради овој немил настан, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Во Србија денеска е прогласен Ден на жалост и знамињата се на половина копје.
Жителите на Нови Сад палеа свеќи кај Железничката станица за жртвите од несреќата. Граѓаните велат, вакво нешто не смее да се повтори.
Тројца млади, едно момче и две девојки се уште се борат за живот. Завршени се операциите, но тие се наѓаат во тешка состојба.
По вчерашната спасувачка акција, српските служби денеска го расчистуваат теренот.
Увидот е завршен, а Вишото јавно обвинителство нареди вештачење на материјалите. Според најавите од Обвинителството, најмалку 20 луѓе ќе бидат сослушани.
-Наредено е во текот на денот да бидат сослушани најмалку 20 лица, меѓу другите и одговорни од Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура, како и надлежниот министер, одговорни лица од „Железници на Србија“, одговорните лица во Заводот за заштита на споменици на културата на Град Нови Сад, како и други лица, а со цел утврдување на сите важни елементи на кривично дело и кривична одговорност на лицата, за што јавноста ќе биде благовремено известена, велат од тамошното Вишото јавно обвинителство во Нови Сад.
Во Белград главна тема е можната причина и одговорноста за несреќата во која засега загинаа 14 луѓе. Претставниците на власта тврдат дека натрешницата која вчера падна не била предмет на последната реконструкција, но во постари медиумски записи се наведува дека токму таа била реконструирана уште во првата фаза.
Н1 пишува дека од тамошната Агенција кој врши регистар на градежни дозволи е исчезната дозволата за реконструкција на зградата на Железничката станица во Нови Сад.
Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ вели дека можна причина за несреќата е корозија на држачите на кои стоела натстрешницата. Тие не биле променети уште од изградбата во 1964 година.
Српските власти ги идентификуваа сите настрадани. Најмладиот загинат има само шест години, а најстариот 77 години.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар