Македонија
25. April 2025 - 12:22

Најавени нови инвестиции во ТИРЗ Прилеп

Нови инвестиции во ТИРЗ Прилеп, како од страна на постојните компании, така и од нови инвеститори денеска беа најавени од страна на директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски кој оствари посета на веќе постоечките фабрики во зоната. Димовски во моментов не сакаше да даде конкретен одговор кои се тие нови инвеститори затоа што уште се преговарало, истакна само тоа дека автомобилскиот гигант Гентерм кој веќе има погони во Прилеп дека планира наскоро да има нова милионска инвестиција. Но не добивме одговор на тоа дали дел од сегашните погони Гентерм ги префрла, во Мароко.

„Во однос на тоа дали го сели или не го сели треба да дадат одговор од компанијата. Согласно моите информации јас можам да ви потврдам дека компанијата Гентерм има сериозен план да инвестира нови средства во нови машини и да вработува повеќе. А во периодот што следи тие детали ќе ги објавиме јавно, сега сме уште во таа фаза на разговори и преговори, знаете тие разговори и преговори имаат одредени доверливи информации и заради тоа не можеме да ја известиме јавноста подетално со информации“, истакна Гоце Димовски, директор на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони.

Оптимизам за брзи нови инвестиции искажа и заменик министерот за економија Марјан Ристески како и сегашниот градоначалник Борче Јовчески.

„Понатаму како Влада ќе продолжиме да инвестираме во подобрување на инфраструктурата и привлекување на нови странски и домашни инвестиции. Се надевам дека до крајот на мандатот на оваа Влада оваа ТИРЗ зона Прилеп ќе биде збогатена барем со уште некоја фабрика, што многу ќе значи за прилепската и македонската економија“, изјави Марјан Ристески, заменик  министер за економија.

„Посебно со изградбата, односно текот на изградбата на патната инфраструктура, коридор 10, ќе стане уште поинтересна за пласирање на извозната линија со пристаништата на соседните држави и со тоа очекуваме уште поголем интерес како на странски инвеститори, така се разбира и домашни“, додаде Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Во моментов во ТИРЗ Прилеп има 3 компании со околу 3.000 вработени.