Македонија
24. April 2025 - 21:16

Претседателката на ДКСК остана без пасош и забрана за работа во Антикорупциска

Првата антикорупционерка остана без пасош, но нема да може да врши и работни активности во Антикорупциската комисија. Кривичниот суд попладнево и изрече мерки за претпазливост на Татјана Димитровска откако таа стана новоосомничена во случајот Адитив, предметот поврзан со тендери за набака на адитиви за ТЕЦ Неготино и ЕСМ по нереални цени.  

Димитровска, според потврда од Јавното обвинителство се сомнични дека со умисла ја искористила својата функција и оддала службена тајна со тоа што во повеќе наврати споделила податоци на осомничено лице во предметот Адитив во врска со истрагата.

„Како службено лице, претседател на ДКСК од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. 

Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК”, стои во соопштението на Обвинителството.

Неофицијално, Димитриевска споделувала службени информации за истрагата со со поранешниот директор на ТЕЦ Неготино – Небојша Стојановиќ, со кого имала контакт уште од претходните нејзини работни позиции кога правела ревизија за работата токму на ова претпријатие. 

Обвинителството, доказите против претседателката на Антикорупциска ги обезбедило преку извлечени електронски докази од досегашната постапка, односно со вештачење на телефони и електронските уреди на веќе осомничените.

Заедно со Димитриевска, случајот Адитив е проширен и со двајца други осомничени – вработени во правните лица кои исто така се дел од истрагата. Се работи за вработена во ТЕЦ Неготино која исто така оддавала службена тајна на осомничен во предметот со тоа што ја испратила наредбата од Обвинителството до ТЕЦ Неготино за доставување на податоци поврзани со набавката на мазут. 

Осомничен е и вработен во една од фирмите, кој според Обвинвителството помагал на управителите на овие фирми да ги изиграат постапките за јавни набавки, а во 84 наврати добивал пари на име патни трошоци од самата фирма, пари кои биле стекнати токму преку овие незаконски тендери кои потоа ги вадел како готовина за да се прикрие нивниот тек. 

Досега за случајот Адитив се осомничени над 30 лица, меѓу клучните осомничени е ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство. Осмничените се товарат дека го оштетиле буџетот за над 6 милиони евра.