Бизнис
6. July 2015 - 13:59

Металургијата бара поддршка од власта, ќе стори се да нема отпуштања

Македонската челична индустрија не најавува отпуштања иако  бележи пад на продукцијата, вработеноста и извозот во првите неколку месеци од годинава. Нејзините претставници велат дека производството и пласманот до крајот на 2015-та се сигурни, а ќе се реализираат, можеби со забавено темпо, и проектираните инвестиции.

Металургискиот сектор на прес-конференција во Стопанската комора побара поддршка од Владата и уште еднаш апелира на потребата од добра инфраструктура, конкурентна железничка услуга и стабилен енергетски систем.

- Правиме максимални напори да ги задржиме луѓето, да нема отпуштања, да не ги нарушиме одлично организираните обучени, искусни тимови, а особено занаетчиските кадри кои ионака недостигаат. Но, сами не можеме се да сториме, истакна Митко Кочовски, претседател на Здружението на металургија при Комората.

Според него, вака значаен столб за националната економија како што е металургијата, треба да биде поддржан од надлежните на одреден начин.

Кочовски нагласи дека надолен тренд секторот бележи секаде во светски рамки. Производството на челик е намалено за 2,1 отсто и особено загрижува намалената цена на никелот која изнесува 11.000 - 12.000 долари за тон. Сепак, дел од капацитетите во земјава се трудат да ги спроведат зацртаните проекции.

- Во периодот 2008/2009 година кога цената на никелот беше уште пониска имавме проблем со пласманот, но сега не е така. Производството и продажбата ни се загарантирани и нема откажувања на договорите, посочи Герасим Кујунџиев од Фени индустри и заменик-претседател на Здружението.

Одговорајќи на новинарско прашање во однос на кризата кај јужниот сосед, претседателот на Здружението рече дека не очекува драстични пореметувања зашто во челичната индустрија, грчкиот пазар не е многу значаен сегмент.

- Јавните финансии не би требало да влијаат на меѓукомпаниските, деловни односи. Тоа се две различни работи кои не може да се поистоветуваат. Засега нема индиции за какви било пореметувања во бизнис релациите, истакна Кочовски, додавајќи дека во секој случај, треба да се почека и да се види како Европа ќе се однесува по вчерашниот референдум.

Во Македонија, производството на метали е 9,4 отсто од вкупниот БДП, а вадењето руди на метали 1,7 или вкупно, двата сегмента во БДП учествуваат со околу 11 проценти.