Свет
2. September 2016 - 14:07

Меркел пред нов политички тест предизвикан од бегалската криза

Покраинските избори што треба да се одржат во недела, на 4 септември, во федералната единица Мекленбург - Форпомен можат значително да влијаат врз политичката иднина на германската канцеларка Ангела Меркел.

Во покраината од каде што доаѓа Ангела Меркел во моментов водечки сили се нејзината Христијанско - Демократска Унија (ЦДУ) и крајно десничарската Алтернатива за Германија (АФД) кои што имаат доверба од по околу 20 отсто од граѓаните.

Трендот кај јавното мислење е во корист на крајните десничари кои што пред само неколу месеци имаа околу шест отсто послаб рејтинг од најсилната германска партија. Причината за приближувањето на рејтинзите меѓу ЦДУ и АФД лежи, пред се, во имиграциската политика на Меркел и приемот на над еден милион бегалци во земјата, од кои илјадници се сместени во Мекленбург - Форпомен, која е една од најсиромашните германски покраини.

Трендовите за Меркел не се позитивни ниту на федерално ниво, ЦДУ во моментов заедно со сестринската баварска партија ЦСУ на ниво на Германија имаат само 33 отсто поддршка, што е над една петина помалку од 41 отсто колку што беа освоени на последните парламентарни федерални избори во 2013 година (анкета на ФОРСА институтот).

Канцеларката има проблем и со личниот рејтинг затоа што за разлика од април 2105 година, кога пред бегалската криза во неа веруваа 75 отсто од граѓаните, сега само 47 отсто веруваат дека таа е најдобра политичка опција за земјата (анкета на јавниот телевизиски сервис АРД).

Падот на довербата од речиси 30 отсто за нешто повеќе од две години е еден од најголемите за еден политичар во историјата на Германија.

Изборите во покраината од каде што доаѓа Ангела Меркел на краток рок нема значително да ја променат политичката карта на Германија каде што умерените политички партии сеуште имаат значителна предност на сојузно ниво но можат да дадат сигнал што може земјата да очекува на останатите покраински избори и пред се на федералните парламентарни избори кои што треба да се одржат во втората половина на 2017 година.